Најмногу дожд или 31 литар на метар квадратен денеска наврна во Гевгелија, а најмалку во Маврово само еден литар на метар квадратен.
Според податоците што попладнево ги објави Управата за хидрометеролошки работи освен Гевгелија до 16 часот најмногу дожд има наврнато во Берово и Тополчани 14 л/м2, по што следуваат Претор 13, Струмица 12, Битола и Демир Капија 10, Штип и Крива Паланка 8, Охрид 7, Скопје 5, Пожаране, Скопје Петровец и Тетово 4, додека во Ѓуриште и Виница наврнале три литри на метар квадратен.
Најладно денеска е во Тополчани каде се измерени 12 степени, по што следуваат Лазарополе со 13, Ѓуриште со 14, Маврово и Берово со 16, Прилеп и Крива Паланка со 18, Пожаране со 19, Демир Капија, Битола, Штип и Скопје со 20 степени, Струмица 21, Охрид и Гевгелија 22 и Тетово 23 степени. Максимална температура од 24 степени е измерена во Виница.
УХРМ соопшти дека во југозападниот дел од земјата имало појава на нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи. Дувало умерен, на места повремено засилен ветер од северен правец.
Во вечерните часови се очекува да се задржи облачно и свежо време, со врнежи од дожд, кои на места повремено ќе бидат поројни и пообилни, особено во југоисточните и источните делови. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец.
Променливо облачно и свежо време со локален дожд претпладне во јужните делови ќе се задржи и утре. Ќе дува умерен до засилен северен и североисточен ветер. Утринските температури ќе се движат од 10 до 18 степени, а дневните од 19 до 26 степени. УВ индексот ќе биде 6.
