НетПрес продолжува со хајката и непрофесионализмот, извртувајќи полувистини и пласирајќи произволни приказни со цел да оцрнат секого што не е под контрола на власта. Порталот користи податоци од државни институции, кои ги извртува и ги става во контекст според кој прикажува како сите новинари во критичките медиуми одработуваат нарачани стории, по моделот кој веројатно е познат само за тие што пишуваат.
НетПрес и мене ме нарекува дел од “Платеничката Шарена Револуција“ затоа што од Центарот за развој на медиуми сум земал хонорар од “цели 7290 денари“ кои се уредно пријавени во УЈП. Парите се за 2014 година, а според НетПрес се искористени за одбрана и промоција на Шарената Револуција во 2016 година, што значи дека според порталот, за да биде глупоста поголема, авансно сме биле платени две години порано.
-Од Центарот за развој на медиуми земал пари и новинарот и сопственик на сајтот А1 он, Предраг Петровиќ, кој освен поддршката за сајтот земал и додатни 7.290 денари, го пренесува“ страшното“ откритите порталот, кој исто беше поканет за истата сума да се ангажира околу изготвувањето на правилата на однесување на интернет медиумите, но секако од разбирливи причини, не го прифати.
Јас со овие цели 7290 денари не купив стан, не купив автомобил, на работа одам пеш и чувството е прекрасно, зошто не смее било кој да помисли да ме тероризира секој ден, и да ми диктира текстови што треба да напишам. Едноставно, не сум на продажба.
Но, НетПрес пред да продолжи да измислува приказни за некакви платеници, од по 7290 денари во годината, да одговори: Кој уредник во портал купи нов џип, нов стан во Дебааар Маало кој сега го издава и кој го вработи братот во Водовод? Доколку НетПрес одговори точно, ќе ги поклонам овие 7290 денари за кои пишуваат, но доколку го нема одговорот, ќе го добие.
Пред да ги прикажува чесно заработените хонорари како некаков криминал, и нешто што засега не е забрането во државава, НетПрес да одговори колку пари годишно има во буџетот, од каде потекнуваат тие пари и на крај, каде завршуваат? Нет Прес треба да истражи колку од порталите кои се пренесуваат секој ден од провладините телевизии, а за ваквите хајки, добиваат пари од Владата за да ја шират оваа и ваква кампања? Дали сака НетПрес да се споредуваме кој што поседува? Доколку ги нема и овие одговори, ќе ги добие.
Што се однесува до политиката на А1он, таа е критичка, но кон секоја власт, што е и основна функција на секој медиум. Таква и ќе остане, без разлика на притисоците и заканите! Ние ќе работиме и без да имаме денар, од задоволство, затоа што имаме став, нешто што НетПрес нема никогаш да го разбере.
Предраг Петровиќ