Откако за „А1он“ и „Макфакс“, Алек Гочев, активистот на шарената револуција изјави дека од МВР му стигнало да плати прекршочна глоба, тој на неговиот ФБ профил објави дека со преостанатите 12 илјади евра, кои биле собрани, ќе им се плаќаат паричните глоби и казните на останатите активисти. Од собраните средства во кафе-барот „Излет“ им останале 603 илјади денари и 2640 долари.
„Досега од тие пари се потрошени 80 илјади денари за казните за активисти на шарената револуција во Штип, 136,000 денари за казните за кафе-барот „Излет“, 100 илјади денари за ангажирање механизација за време на поплавите, 25,500 денари за трошоци за постапка за притворените од 5 мај и 10,400 денари трошоци за закуп на сеф“, напиша Гочев.
Тој ги повика сите соборци и соборки кои имаат парични казни за нивните активности во протестите на шарена револуција, да му се обратат нему или на останатите. „Казните (кривични и прекршочни) ќе бидат исплаќани по редоследот на нивната правосилност. Правосилни прекршочни казни се оние кои пристигнуваат во розево плико. За тие кои пристигнуваат во сино плико се’ уште може да биде поднесена жалба и доколку се запазени роковите, тие ќе ги доставиме кај нашите пријатели во адвокатското друштво Давидовиќ и Јанковиќ за понатамошо постапување“, пишува Гочев.
Во објавата наведува дека прават напори и за обезбедување на средствата кои можеби ќе им недостасуваат, имајќи ја предвид големата бројка на казни (кривични и прекршочни) и високата сума која би била потребна за нивно подмирување.
В. М.