На покривот над ГТЦ предвиден за зеленило, никнаа бетонски конструкции

Од:

Дали среде ветената зелена градина над ГТЦ никнува кафуле? Може да се забележи дека на покривот над Градскиот трговски центар за намена на овој проект веќе има поставени метална конструкција и бетонска платформа. Изведувачите што поставуваа бетонски жардиниери за проектот „Зелен балкон“ над ГТЦ не сакаа да зборуваат пред камера, за детали нè упатија во Градот, а за објектот што се подига рекоа дека, најверојатно, ќе биде кафетерија.

Овој проект градоначалникот Шилегов го најавуваше во изборната кампања и според него над ГТЦ треба да има зеленило, клупи и друга урбана опрема. Од Градот не одговорија конкретно дали тоа ќе биде кафетерија. За сега го воделе како помошен објект, кој кога ќе завршело озеленувањето на терасата, ГТЦ требало да го пренамени и да стопанисува со него.

„Во никој случај ова не претставува некој вид доградба или надградба на покривот. Секогаш кога се работат некои видови објекти, во фаза на нивна реализација може да има контроверзии и разни толкувања. Поборници сме на процесите да им дадеме шанса да завршат, па кога ќе бидат завршени, ќе го дискутираме нивниот квалитет или неквалитет. За самата намена на таа помошна просторија, по завршувањето на изградбата на зелениот покрив, таа ќе биде утврдена од ГТЦ“, велат од Градот.

Вработени од ГТЦ информираа дека директорот на трговскиот е на состанок и дека не можел да зборува за намената на градбата. Но, и да бил тука, според нивните кажувања, сепак требало објаснување да има Градот што го реализира проектот.

Повеќето од граѓаните и дуќанџиите во ГТЦ не знаат дека на покривот се крева објект ниту, пак, која ќе биде неговата намена. Тие се со поделени мислења, едни се за да има кафетерија над ГТЦ, но други е неприфатлива оваа идеја.

„Стар скопјанец сум тука, од 1968 година. Се сеќавам кога се градеше ГТЦ, по земјотресот, тоа беше празник за градот. Ако мене ме прашувате, не треба да има ни зелени балкони, ни кафетерии, ни ништо. ГТЦ не треба да се чепка, да си биде таков како што си е, само тој остана, сè срушија. А кога го прават тоа, има сомнежи, се знае – бизнис или лични интереси“, изјави граѓанин на Скопје.

„Нека се обнови покривот над ГТЦ, убаво е да има зеленило, па нека има и кафулиња, зошто да се не одмораме тука, има одличен поглед одозгора. Сега дали има некакви интереси или што и да е, за тоа си има институции, нека си истражат“, вели друга скопјанка.

За објектот што се крева на покривот на ГТЦ осамна и фотографија на социјалните мрежи. Голем дел од граѓаните што коментираа, не се согласуваат со овој потег на Градот.

Би можело да ве интересира

МВР потврди: 55 годишна е жената која падна од терасата на ГТЦ

Анита Петровска Рајковиќ

Жена се фрли од терасата на ГТЦ – момче се обидело да ја спречи, но не успеало

Анита Петровска Рајковиќ

ГТЦ лани издвоил 1,3 милиони евра за струја и 2022 ја завршил со минус од 645.000 евра

Орце Костов

Вклучи-исклучи на струјата во ГТЦ: Менаџментот ветувал дека ќе го плати долгот, за дуќанџиите да не останат во мрак

Кристијан Ландов

ВИДЕО: Дојави за бомби во ГТЦ, во МНР и во неколку школи, во тек евакуација

Катерина Ѓуровски

Габриел Бајрам не се јавил на распит во полиција, ама се јавил на поканата за прослава на Владата

Кристијан Ландов