На Пелистер еколошка акција „Покажи еко-страна за зима без мана“

Од:

Подигнување на свеста за заштита на Националниот парк „Пелистер“ е целта на еколошката акција „Покажи еко-страна за зима без мана“, која се одржа денеска на Пелистер.

Во пресрет на новата зимска сезона, идентификувајќи ја потребата за креирање на одржливи решенија за почиста животна средина и подигнување на свеста за унапредување на заштитата на Националниот парк „Пелистер“ во еколошката акција се вклучија над 100 ученици од основните и од средните училишта од Битола.

Настанот е дел од одбележувањето на Меѓународниот ден на туризмот.

Со цел да се постигне усогласување на активностите на сите чинители во развојот на туризмот на Пелистер денеска беше потпишан Меморандум за соработка меѓу „ЕЛЕМ-Турс“ ДООЕЛ Скопје, Националниот парк „Пелистер“, Ски–клубот „Пелистер“, Планинарскиот спортски клуб „Пелистер“ и Велосипедскиот клуб „Екстрим Бајк Тим“ Битола.

– Нашата цел беше на една маса да седнеме сите засегнати страни кои секој на свој начин придонесуваат за развој на туризмот во Ски- центарот Копанки. Започнатите активности треба да донесат нова димензија на понудата за 2017/18 година, посочи директорот на „ЕЛЕМ турс“ Скопје, Николче Каровски.

Директорот на Националниот парк „Пелистер“, Амет Аџиу рече дека меѓусебната соработка и организирањето на заеднички активности се од големо значење за промоцијата на Националниот парк „Пелистер“ како туристичка дестинација и ставањето акцент на заштитата на биодиверзитетот во паркот.

– Само на ваков начин преку заедничка соработка може да се даде придонес, на вистински начин, за развој на Пелистер, истакна Наум Симјаноски, претседател на Ски-клубот „Пелистер“ Битола.

Претседателот на Планинарско-спортскиот клуб „Пелистер“, Димче Попов ја поздрави иницијативата на „ЕЛЕМ Турс“ ДООЕЛ Скопје на една маса да ги седне сите засегнати страни. – И врз основа на досегашната соработка сметам дека „ЕЛЕМ турс“ со овој чин направи сериозен исчекор кон заживување на туризмот во Ски-центарот Копанки, истакна Попов.

Развој на зимските спортови како и организирање на меѓународни скијачки натпревари на Пелистер се едни од идните активности на спортските клубови потписници на Меморандумот за соработка, со цел развој на туризмот на Пелистер.

Денешниот настан е само почеток на многу активности што треба да придонесат за зголемување на туристичката понуда и Пелистер да стане туристичка дестинација не само за домашни туку и странски туристи, посочија организаторите.

Би можело да ве интересира

76-годишен скопјанец е планинарот кој почина на Пелистер, потврди МВР

Падна првиот снег

Катерина Ѓуровски

Еурофарм Пелистер го претстави пикерот Васиљев: Дојдов во Битола да освојувам трофеи

Зегин со свој придонес во големата еко акција „Скопска Црна Гора ја поздравува пролетта”

Ана Ололовска

Акција за чисто Маврово и Мавровско езеро

Ана Ололовска

Национална еко акција „Генералка викенд“ за позелена татковина

Ана Ололовска