МВР: Oсум приведени, 26 повредени, ошететени возила, каменувани автобуси

Од:

Министерството за внатрешни работи денеска излезе со детален извештај за вчерашните инциденти во Скопје.

– Насилниот протест не беше пријавен во полиција, а учесниците и предизвикувачите на инцидентите се самоорганизираа преку социјалните мрежи. За време на протестот дојде до поголемо нарушување на јавниот ред и мир и беше предизвикана значителна материјална штета во централното градско подрачје и Бит Пазар.  Според досега документираните сознанија, повредени се повеќе лица, меѓу кои и голем број полициски службеници, оштетени се повеќе моторни возила (од нив четири се полициски), два автобуса на ЈСП и две противпожарни возила, се наведува во извештајот на МВР.

Хронолошки, како што е посочено, протестот започна во 12 часот кај комплексот „Чаирчанка“, по што насобраната група започна да се движи од Јајапашината џамија, преку мостот „Гоце Делчев“ кон зградата на Владата.

– За цело време демострантите гласно скандираа УЧК и извикуваа разни пароли. Во моментот кога масата демостранти дојде пред Владата, дел од неа се обиде да го пробие полицискиот кордон, со цел да се упати кон плоштадот, на што полицијата реагираше и ја спречи натамошната ескалација. Дел од демострантите започнаа со фрлање камења и тврди предмети и ги нападнаа  полициските службеници. Со цел да не дојде до ескалација на инцидентите, Одделот за посебни единици употреби хемиско средство солзавец, по што демострантите започнаа да се повлекуваат назад кон Старата скопска чаршија, а притоа ги каменуваа Музејот на Холохаустот, Музејот на ВМРО и новоизградениот Театар, се додава во извештајот.

Во текот на протестот се регистрирани и повеќе други инциденти и физички напади во централното градско подрачје, на подрачјето кај Бит Пазар и околните улички  во кои се повредени 13 граѓани на кои им е пружена медицинска помош во болниците, а четворица од нив се здобиле со тешки телесни повреди.

– Во насилствата повредени се и тринаесет униформирани полициски службеници. Исто така, од страна на насилниците извршени се и оштетувања на осум приватни патнички моторни возила од кои две се превртени. Извршено е оштетување и на четири полициски возила и тоа: две „шкода јети“,  еден „дефендер“ и едно комбе. Извршено е каменување на два автобуса, сопственост на ЈСП на булеварот „Никола Карев“,  кај клучката Детелинка на Бит Пазар, бр. 61 и бр. 63, а потоа автобусот со број 61 бил и опожарен. Заради интервенција дошле две возила на БППЗ кои од страна на хулиганите биле оштетени, а еден пожарникар повреден, се наведува во извештајот.

По завршувањето на насилните протести во 18,50 часот на автобуската постојка во с.Морани-Скопје, со фрлање камења извршено е оштетување на автобус  на ЈСП, кој сообраќал на линија бр.67, при што било скршено странично стакло од левата страна.

Нешто подоцна, околу 19.20 часот во Скопје на ул „Ѓорче Петров“ во близина на крстосницата со ул.„Сремски Фронт“, со фрлање камења, посочуваат од МВР, извршено е оштетување на 3 автобуси кои се движеле во колона, а превезувале учесници  и посетители на Конвенцијата за промовирање кандидати за градоначалници и носители на избирачки листи на политичка партија. Во 22 часот во непосредна близина на бензинската пумпа „Макпетрол“ во населбата Драчево, бил каменуван автобус сопственост на ЈСП кој сообраќал на линија бр.67, при што било скршено странично стакло, а околу 22.40 часот во Скопје, на булеварот „Едвард Кардељ“, спроти „Светлост“ бил каменуван уште еден автобус на ЈСП, при што било искршено стакло на левата страна на автобусот.

Десетина минути подоцна на ул. „Првомајска“ во населбата Пинтија бил каменуван и автобус на ЈСП кој сообраќал на линија бр.70, при што била оштетена шофершајбната.

Во врска со инцидентите, од МВР истакнуваат дека по полициската интервенција се приведени и задржани осум лица, а врз основа на објавените снимки во медиумите и на социјалните мрежи се работи на идентификување и на останатите насилници. По целосно документирање на делата против приведените ќе биде поднесена соодветна пријава.

Инаку, за претходниот завчерашен протест, СВР-Скопје поднесе кривична пријава до надлежното ОЈО-Скопје против 19 лица на возраст од 14 до 44 години, од кои 15 од Скопје, двајца од Битола и по еден од Штип и Прилеп, а поради основано сомнение дека сториле кривично дело „Учество во толпа што ќе изврши кривично дело“.

МВР повторно апелира граѓаните да не дозволат да бидат манипулирани и заради туѓи интереси да се инволвираат и да предизвикуваат разни инциденти. Полицијата ќе продолжи крајно неселективно, без никаква толеранција да ги санкционира оние што ќе ги прекршат законите.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Нови снимки од студентите во Охрид: Ги симнуваат лустерите и пијат од нив, фрлаат прозорци од апартманот

Ана Ололовска

(ВИДЕО) Студенти од Загреб и Србија демолираа хотел во Охрид

Горан Наумовски

Се зголемува бројот на злосторства од омраза во САД

Скопјанка истепала две жени во Ѓорче Петров

Горан Наумовски

(ВИДЕО) Полицаец осуден на една година затвор, поради претепувањето на битолчанецот додека го апсеше

Кристијан Ландов

ВИДЕО: Тепачка во „КАМ“ маркет, вработен бил нападнат од купувач

Кристијан Ландов