МВР ќе ги идентификува и учесниците во денешните протести

Од:

Министерството за внатрешни работи соопшти дека ќе ги идентификува и учесниците во денешните протести по што ќе следуваат соодветни пријави. Протестите се организираа преку социјалните мрежи.

Најголем дел од граѓаните, соопшти МВР, покажувајќи висока свест, ги послушаа и почитуваа апелите на Министерството за внатрешни работи, верските заедници и невладините организации и не се приклучија кон протестите кои се организираа преку социјалните мрежи.

Пред Јахја Пашината џамија, денеска се собраа над сто лица, од кои најголемиот дел малолетни. Истите се упатија кон зградата на Владата на Република Македонија, но во близина на стоковната куќа „Мост“ беа спречени од страна на полициските службеници. Дел од нив започнаа со каменување кон полицијата по што следеше интервенција, а групата се растури. Двајца полициски службеници се пожалија на телесни повреди здобиени од каменувањето, а досега не е пријавена материјална штета, стои во соопштението.

Досега, од насилните протести кои се случија минатиот петок и сабота, се наведува во соопштението, идентификувани се 50-тина лица против кои е веќе поднесена кривична пријава поради основано сомнение дека сториле кривично дело „Учество во толпа што ќе изврши кривично дело“ по член 385 од Кривичниот законик на Република Македонија.

Само во текот на вчерашниот ден, 20 од нив беа изведени пред надлежен истражен судија кој на неколкумина им изрече мерка притвор во времетраење од 30 дена, додека останатите како алтернативна мерка треба редовно да се јавуваат во суд и во полиција. Меѓу лицата на кои им е изречен притвор се и двајца кои учествувале во каменувањето на автобусот на ЈСП. Станува збор за Е.Б.(1988) и Б.А.(1989) од Скопје. Во разговор во полиција Е.Б. признал и дека го запалил автобусот без да наведе некаква причина.

До МВР се уште нема формална пријава ниту за протестите кои преку социјалните мрежи се најавуваат и за утре. Сите групи на Фејсбук преку кои се повикува на овие протести се следат и врз основа на оперативните сознанија и информации ќе бидат преземени сите мерки и активности против оние кои би предизвикувале или би учествувале во какви било инциденти и нарушувања на јавниот ред и мир. МВР повторно апелира граѓаните да покажат висока свест и да не дозволат да бидат манипулирани и вовлечени во нечии сценарија бидејќи секое незаконско однесување ќе биде најостро санкционирано, се вели во соопштението од МВР.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Нови снимки од студентите во Охрид: Ги симнуваат лустерите и пијат од нив, фрлаат прозорци од апартманот

Ана Ололовска

(ВИДЕО) Студенти од Загреб и Србија демолираа хотел во Охрид

Горан Наумовски

Се зголемува бројот на злосторства од омраза во САД

Скопјанка истепала две жени во Ѓорче Петров

Горан Наумовски

(ВИДЕО) Полицаец осуден на една година затвор, поради претепувањето на битолчанецот додека го апсеше

Кристијан Ландов

ВИДЕО: Тепачка во „КАМ“ маркет, вработен бил нападнат од купувач

Кристијан Ландов