Министерството за внатрешни работи на нивната веб страница во делот „Потраги“ ја објави националната потерницата по експремиерот Никола Груевски.
„Никола Груевски, од татко Тало и мајка Надежда, роден на 31.08.1970 во Скопје се бара за пронаоѓање и приведување заради извршување на казната затвор во траење од две години за сторено кривично дело- примање награда за противзаконито влијание од чл. 359 ст.2 од КЗ“ стои на сајтот на МВР.
Полицијата вечерва влезе во станот на Груевски, меѓутоа не го пронајде експремиерот.
Засега нема информации каде е Груевски и дали полицијата го лоцирала. Од МВР велат дека ќе ја информираат јавноста штом ќе имаат конкретни сознанија од постапувањето по потерницата.
Министерството за внатрешни работи по налог на кривичниот суд и распиша потерница по поранешниот премиер Никола Груевски, кој требаше во петокот да се јави на издржување на затворската казна за случајот „Тенк“ на СЈО, односно набавката на луксузниот „мерцедес“.
„Ве известуваме дека Основниот суд Скопје 1 издаде наредба за приведување на лицето за кое прашувате и на 12.11.2018 во 16:30 часот ја достави до СВР Скопје и побара издавање потерница. Министерството за внатрешни работи постапува по наредбата веднаш откако му беше доставена“, соопштија од МВР.
Судот соопшти дека денеска добиле известување од затворот во Шуто Оризари оти експремиерот Никола Груевски не се јавил за издржување на затворската казна. Од судот додаваат дека во текот на денешниот ден правеле нови обиди да му го достават на Груевски решението на кривичниот совет за издржувањето на казната.
Во петокот судските курири во неколку обиди не успеаја да го пронајдат Груевски на адресата на која е пријавено неговото живеалиште. Експремиерот и поранешен лидер на ВМРО-ДПМНЕ е осуден на две години затворска казна за случајот „Тенк“ на СЈО.