Мрежата за заштита од дискриминација бара итен избор на членови на Комисијата за спречување на дискринимација и на нов правобранител

Од:

Мрежата за заштита од дискриминација бара од Собранието итно да ги започне постапките за избор на членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и на нов Народен правобранител.

-Законот за спречување и заштита од дискриминација стапи на сила со објавувањето во Службен Весник на Република Северна Македонија бр. 258/2020 на 30.10.2020. Согласно член 45, став 1 од овој Закон, јавниот оглас за избор на членови на Комисијата, Собранието на Република Северна Македонија ќе го објави во рок од 15 дена од влегувањето во сила на овој Закон. Согласно датумот на стапување во сила на Законот, вака предвидениот законски рок истече на 14.11.2020, а Собранието на Република Северна Македонија сѐ уште нема објавено јавен оглас за избор на членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, се наведува во соопштението.

Вториот мандат на актуелниот Народен правобранител Иџет Мемети, како што посочуваат од Мрежата, истекува на 24 декември оваа година.

-Согласно член 5, став 4 од Законот за Народен правобранител, Собранието има законска обврска да ја започне постапката за избор на Народниот правобранител и неговите заменици три месеци пред истекот на нивниот мандат. Согласно датумот на истек на мандатот на актуелниот Народен правобранител, Собранието требало да ја започне постапката за избор на нов Народен правобранител и на негови заменици најдоцна до 24.9.2020, а Собранието сѐ уште нема објавено јавен оглас за избор на нов Народен правобранител, потенцираат од Мрежата.

Оттаму бараат од Собранието во најкус можен рок да го спроведе изборот на членовите на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација на транспарентен начин и водејќи сметка за квалитетот на избраните кандидати. Обврската составот на ова тело да го одразува составот на општеството во целина, велат од Мрежата, не смее да остане само декларативна, туку реална цел на Собранието бидејќи во спротивно ќе се компромитира целта на ова тело како гарант за еднаквоста на сите граѓани.

-Потребно е да се изберат професионални и независни кандидати/ки, кои на ниту еден начин не се поврзани со политичките партии. Притоа, етничката припадност не смее да биде единствен критериум, особено нејзиното тесно разбирање како распределба на позициите помеѓу Македонците и Албанците. Неопходно е да се води сметка за родовата еднаквост и да се вклучат претставници на маргинализираните заедници (Ромите, лицата со попреченост, ЛГБТИ и други), наведуваат од Мрежата.

Дополнително, бараат од Собранието при изборот на Народниот правобранител да води сметка тој да биде лице кое ќе ги надмине долгогодишните идентификувани проблеми на институцијата, кои се однесуваат на недостатокот на рамномерна распределба на финансиски и човечки ресурси, степенот на стручност и компетентност на значаен дел од кадарот на институцијата, јавно објавените меѓучовечки конфликти и мобинг во институцијата и пополнување на празните работни места согласно Правилникот за систематизација во стручната служба.

Новиот Народен правобранител, како што наведуваат невладините организации, мора да биде лице кое ќе ја врати довербата на граѓаните во институцијата и ќе направи институцијата да ги исполни меѓународно пропишаните критериуми за национални институции за човекови права, како што се Париските принципи за национална институција за човекови права на ООН и Принципите за заштита и промоција на Омбудсманот на Венецијанската комисија.

Би можело да ве интересира

„Министерката ми се закани дека ќе ме избрка“: Советничка во МОН била вознемирувана од Шаќири и Царовска

A1on

Се вселила во стан во Скопје, соседите ја избркале по еден ден оти била Ромка

A1on

Ѓорѓи Трендафилов: Македонија е дискриминаторска земја не само во однос на етничкото потекло

A1on

Комисијата за заштита и спречување дискриминација можно уште денеска да ја разгледа наводната согласност на Владата кон „Бехтел и Енка“ за поголема работна недела

Ана Ололовска

Комисијата за заштита од дискриминација со препорака за Акциски план за унапредување на правата на осуденичките

Ана Ололовска

Татко спречен да го придружува своето дете: Детска клиника дискриминира, вујна и баба можат оти се женски пол

A1on