Мотоциклистот Драган Ванов, најдобар спортист за 2015 во Велес

Од:

Во организација на Сојузот на спортови на Велес, а под покровителство на општина Велес синоќа на бродот „Панини“ на велешкото езеро „Младост“ се одржа 56. доделување на награди и признанија на манифестацијата „Избор на спортист за 2015“. Првото место, односно титулата спортист на Велес за 2015 година и златниот пехар го освои 23-годишниот мотоциклист Драган Ванов, член на „Мото Велес“.

Драган Ванов е годинешен освојувач на третото место во генералниот пласман во најсилната класа од 450 кубика во Мото крос на Македонија. Тој потекнува од семејство на моториклисти, а првиот мотор му е купен во 2005 година. Од 2006 година тој е присутен во државното првенство во најмалата класа и од тогаш Ванов реди успеси на домашни и меѓународни трки.

Тој искажа благодарност до татко му, Сашко Ванов кој е и негов спонзор како и општина Велес, која го награди неговиот труд со ова признание на градот. Признанието, како што рече, ќе му биде и поттик за понатамошни успеси во натпреварите.

– Се надеваме дека ќе соберам средства за настап на Источно-европското ендуро, што е мототрка по нерамен терен и се надевам дека имам шанси за освојување на нови врвни резултати, рече Ванов.

Кај младинските екипи првото место го освои Кајак кану клаубот „Вардар“, кој е најдобар кајак кану клуб на Македонија. Второто место го освои карате клубот „Гладијатор“, а третото место екипата на велосипедскиот клуб МВК „Велес“.

Кај сениорите екипно, за најдобра екипа за 2015 на Велес е прогласен младинскиот велосипедски клуб „Велес“, освојувачи на купот на Македонија. Втора е екипата на мото клубот „Мото Велес“, а трет градскиот ракометен клуб „Борец“.

За најуспешно училиште во спортот за 2015 е прогласено ООУ „Блаже Конески“ од Велес, а најуспешен наставник во рамки на училишниот спорт е Петре Жабев, наставник од ова училиште.

Покровителот на манифестацијата градоначалникот Славчо Чадиев во обраќањето до присутните оцени дека подобрите и врвни резултати на велешките спортисти, на домашни и меѓународни натпревари последниве години го враќаат некогашниот спортски град Велес, повторно на картата на спортски градови во земјава.

– Во таа насока и во наредните години од општинската каса ќе издвојуваме средства за развој и унапредување на спортот во градот, потенцира Чадиев.

Би можело да ве интересира

Кривична пријава за директорка на градинка во Велес, конкурирала со лажен сертификат

Бочварски од Велес: Вложивме 1,1 милион евра за подобрување на локалната патна инфраструктура во градот

Орце Костов

Советници во општина Велес од свој џеб купиле стакло за масата за венчавки во матичното

Орце Костов

Голема полициска акција во Велес, затекнати дилери на дрога

А1он

Условни казни за тинејџерите кои во Велес нападнаа полицајци

А1он

Уапсена жената која ограби починат човек во Велес

Орце Костов