Поголема вклученост на младите како рамноправни актери во креирањето на политиките е една од препораките кои денеска беа упатени на младинската конференција на тема „Преку учество и дијалог до успешни младински политики“ во организација на Фондацијата „Фридрих Еберт“ – Канцеларија Скопје и Националниот младински совет на Македонија.
Според директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски, во изминатиот период младите не биле доволно вклучени во креирањето на политиките.
– Работиме на инклузивност односно на тоа што е можно повеќе младите да бидат вклучни во процесот на одлучување. Само младите се тие кои можат да генерираат политики кои ќе бидат најдобри за нив, истакна Каевски.
Бујар Лума од невладината ЛОЈА од Тетово рече дека младите во Македонија досега биле само како „декор“ и дека кога младите ќе се вклучат во нивната организација, им кажуваат дека токму тие се државата.
-Ние треба да бидеме активни и самите да се вклучиме во донесување на одлуките. Тука повеќе улога има психолошкиот момент отколку реалните пречки, рече Лума.
Милица Шкиљевиќ од Србија рече дека проблемот со вклученоста на младите е ист како и во Македонија, а како пример ги посочи и последните избори во кои има само тројца млади пратеници од 250 луѓе. Според нив, истражувањето што го направиле во Србија покажало дека младите ги следат политичките состојби во државата, дека ги интересира што се работи, но и дека мислат дека немаат влијание на тоа што ќе се донесе како одлука и како ќе се спроведе.
Шкиљевиќ рече дека состојбата е иста или слична во целиот регион на Западен Балкан и дека е потребно преку националните совети или институции да се креира политика за вклучување на младите.
На конференцијата учествуваа претставници од повеќе младински совети од регионот меѓу кои Србија, Албанија и Косово.