Во рамки на Европската недела на мобилност во органицација на младинската еколошка организација „Гоу грин“ 25 млади луѓе ќе учествуваат на Младинската мобилна конференција „Bike & Learn” кои на четири локации во Скопје ќе се едуцираат за повеќе начини на заштита на еколшката средина преку транспортот.
Како што појасни Александар Трпковски од „Го Грин“ денеска на четири различни локации на младите кои ќе се движат со велосипеди ќе им бидат презентирани повеќе начини на употреба на алтернативен транспорт.
-Дали е тоа јавен превоз, споделување на автомобил кога одат на училиште, факултет или на работа и ќе им биде посочено да ги употребуваат велосипедите за движење во градот, рече Трпковски.
Според него на работилниците, младите ќе бидат информирани за сите понудени решенија, а целта е да се променат навиките во користењето на превозното средство односно во полза на екологијата и нивното здравје.
На првата локација во Советот на Град Скопје ја презентираше апликацијата „SocialCar“ која ќе им овозможи на сите граѓани на Скопје во иднина да можат да споделуваат автомобил кога одат на работа.
-Сведоци сме на огромното загадување во градот Скопје предизвикано од моторните возила поради зголемување на возниот парк со над 200.000 половни моторни возила во последните шест години. После загревањето на домаќинствата, транспортниот сектор е втор најголем причинител за аерозагадувањето во градот и придонесува за интензивирање на последиците од климатските промени, посочуваат од „Го грин“.