Митрополит Агатангел повторно удри по власта: Имам надеж дека македонскиот народ ќе види дека е однародена

Од:

Митрополитот на Повардарската епархија, Агатангел, преку Фејсбук се обрати до власта, која ја нарече однародена. Тој предизвика бура од реакции во јавноста, кога на празникот Свети Трифун отворено ја изрази својата политичка определеност за партијата ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер Христијан Мицкоски. Овој пат, тој преку Фејсбук, вели дека оставил простор, да помине време без тој да реагира, па сепак го напишал јавното писмо кое го пренесуваме во целост.

„Животот се состои од радост и тага, од задоволства и разочарувања, од победи и падови. Тој е круг од овие случувања кои неизбежно ќе ги почувствува секој еден човек. Наша лична одговорност е како ќе се однесуваме при овие случувања. Дали ќе натежне кај нас достоинственото и Богољубиво расположение на душата или пак ќе одговориме со мрачниот и злорадосен сегмент на нашето битие.

Без разлика какви се околностите при тие животни предизвици, нашата лична одговорност е неизбежна. Многу е важно како ние ќе се понесеме во тие моменти. Убаво е преку овие животни прилики да се обидеме да развиеме некоја душевна доблест како на пример, да се радуваме во радоста на нашиот ближен, да сочувствуваме во неговата болка, да се обидеме да му помогнеме во неговата неволја, а преку тоа да се стекнеме со дарот на љубовта, радоста, милоста и смирението. Но, неретко, нашата душа негува и гнев, негува и злорадост, и омраза и лоши помисли, а каде води сето ова? Не води кон пропаст на нашата душа, раздразливост на нашето однесување, одземање на нашиот мир, како и кон помрачување на нашиот ум.

Деновиве сме сведоци на една таква животна прилика, која успеa да разбуди многу од овие душевни чувства кај нашиот македонски народ. Некои ја толкуваа оваа ситуација полни со гнев, огорченост, омраза, други пак со поддршка, разбирање и сочувство.

Малку подолг период оставив простор без свои јавни реакции на актуелните политички случувања, имајќи надеж дека сепак македонскиот народ јасно ќе ги види замките во кои западна благодарејќи на однесувањето на оваа крајно однародена власт, која насилно и необјасниво протурка смена на името и отвори „добрососедски дебати“ со Бугарија за ревизија на нашата историја, со што го стави македонскиот народ во подредена позиција во однос на други и предизвика многу антидржавни чувства, а со тоа длабоко ги пречекори своите овластувања како извршна власт.

Како епископ на Македонската православна црква, секојдневно имам контакти со наши браќа и сестри кои имаат различни идеолошки и политички убедувања, и кои при нашите разговори неретко ја изразуваат својата загриженост и разочараност од потезите на оваа власт, која дефинитивно не го слуша пулсот на народот и неговите потреби, а најмалку ја гледа и ја чувствува неговата болка која несразмерно порасна изминативе неколку години.

Тој народ, македонскиот, е Црквата Македонска. Тој народ е душата на Црквата наша. Тој народ е народот за кои ние, како свештенослужители, ги принесуваме нашите молитви кон Севишниот Бог, народ за кој просиме благосостојба, здравје, среќа и напредок. Тој е оној ист народ, кој власта го запостави, му ги зголеми егзистенционалните маки, но згора на се, му ја допре и му ја повреди душата.

Мене ми е должност да се грижам за нашиот верен народ и да го заштитувам. Тој е сега ранлив и му треба утеха. Црквата е утеха. Црквата е закрила. Црквата е надеж.

И оние кои ме поддржаа овие денови, но и оние кои се изнафрлаа „дрва и камења“ по мене, длабоко во својата душа знаат дека не чинат работите. Дека нашата Македонија не оди во добар правец. Знаат сите, драги мои. И од ова повеќе нема бегање.

Прашање е само дали ќе развиеме доблести како народ да ја искористиме оваа крајно лоша ситуација во наша полза или дополнително ќе му дадеме простор на раздорот, неслогата и гневот и понатаму да го расекуваат и раскрвавуваат живото македонско ткиво.

Би се заблагодарил и би ги благословил сите Македонци во оваа прилика, онака како што правам секој ден во моите молитви. За мене секој еден од нас е Македонец, без разлика на се, и го љубам како роден брат. Тоа е моето силно чувство, кое никогаш нема да згасне“, напиша Агатангел.

Би можело да ве интересира

Николоски: Во следните две недели ќе продолжиме да работиме уште поинтензивно за уште поголема победа

ВМРО-ДПМНЕ: Народот избра промени, Македонија повторно ќе биде горда и твоја

Горан Наумовски

Мицкоски: Мислеа дека си имаат работа со мали деца, победуваме со повеќе од 170.000 гласови разлика

Орце Костов

Се слави пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ

Од 714 обработени избирачки места, 44 отсто од гласовите се за Сиљановска, 19 отсто за Пендаровски, покажува статистиката на ВМРО-ДПМНЕ

(ВИДЕО) Муцунски од ВМРО-ДПМНЕ: Забележани се случаи на семејно гласање и притисоци во Сарај

Орце Костов