Министерството не се премислува, македонските граѓани мораат во Србија да си бараат втора доза на „АстраЗенека“

Од:

Само една недела имаа лицата над 60 години, кои ја примиле првата доза вакцина „АстраЗенека“ во Србија, да се пријават на веб-страницата vakcinacija.mk, за втората доза од вакцината да ја примат во земјава. Оние што го пропуштија рокот, а и оние помладите од 60 години, сега повторно се изложени на трошоци да патуваат во Србија за да се ревакцинираат со втората доза од вакцината, која во земјава ја има во доволни количини.

Иако станува збор за илјадници лица, а и Германија, по чиј пример се водеше македонското Министерството за здравство, ја дозволи вакцината за сите над 18 години, во земјава нема премислување – граѓаните ќе си патуваат од град до град во Србија, барајќи ја втората доза вакцина, бидејќи таа во моментов не е достапна во сите градови во соседната држава.

Искуствата на македонските граѓани се различни – некои успеале да се ревакцинираат со „АстраЗенека“ во Ниш, но повеќето деновиве вртат телефони по вакциналните пунктови во Врање, Ниш, Лесковац и Белград за да видат каде е достапна вакцината, со цел да ја примат втората доза.

„Бев во четвртокот во Ниш, ми рекоа дека до 12 часот имале АстраЗенека, но јас задоцнив. Ќе морам да патувам повторно“, сведочи граѓанин за „А1он“.

Засега се знае дека „АстраЗенека“ се аплицира само во Белград, но најавите се дека од 19-ти месецов ќе ја има и во Врање и во Ниш.

Од српското Министерство за здравство не одговорија на нашите прашање каде и кога ќе биде достапна вакцината „АстраЗенека“ за македонските граѓани кои таму ја примија првата доза пред 3 месеци, кога во Македонија имаше недостиг од вакцини.

Во меѓувреме пак, револтот кај граѓаните во земјава е голем.

„Јас имам 60 години и можам да ја примам втората доза од вакцината во Македонија, ама сопругата има 58 години и таа мора да оди во Србија за ревакцина. Трошокот е ист, така што секако двајцата ќе одиме да се ревакцинираме таму. Тоа е таа иронија“, коментира граѓанин.

Лидерот на работната група на ЕМА за Ковид-19, Марко Кавалери, викендов имаше изјава дека дури земјите треба да ја избегнуваат вакцината „АстраЗенека“ против Ковид-19 за лицата на возраст над 60 години, а не за помладите.

„Вакцината Астра Зенека во нашата држава се аплицира исклучиво на лица над 60 години. Што се однесува до последните информации на Европската агенција за лекови (ЕМА), станува збор за индивидуално мислење на вработен во Агенцијата, а не за официјален став усвоен од страна на Агенцијата. Националниот Комитет за имунизација ги следи препораките на релевантните светски институции и врз основа на истите зазема свој став“, велат од Министерството, не прецизирајќи за кои „релевантни светски институции станува збор“.

Македонските граѓани вакцинирани во Србија не се евидентирани во нашиот систем – Србија се уште ги нема испратено списоците на граѓаните кои се вакцинирани таму, со цел да се добие комплетна слика и статистика за процентот на имунизирано население во Македонија.

„На последната прес-конференција на министерот за здравство Венко Филипче заедно со српскиот министер за здравство Златибор Лончар, беше соопштено дека околу 15.000 граѓани се вакцинирале во првата тура на граѓани. За дополнително вакцинирани, немаме добиено податоци“, велат од Министерството за здравство.

Како ќе се стекне комплетна слика за процентот на имунизирани лица во Македонија, останува нејасно, доколку Македонија и Србија не обезбедат систем за да ги усогласат списоците. И покрај нашите многубројни прашања до српското Министерство, одговор засега немаме добиено.

Вакцината „АстраЗенека“ предизвика голем број контроверзи во јавноста. Последниот став на Европската агенција за лекови е дека „АстраЗенека“ е безбедна и може да се користи за сите лица над 18, но сепак неколку членки на ЕУ ја забранија за користење (некои за лица под 50 години, а некои за лица под 65 години), поради исклучително ретки случаи на згрутчување на крвта, посебно кај помладата популација.

Би можело да ве интересира

Филипче: Да градиме мостови на разбирање и соработка

Филипче: Скопје е во криза, СДСМ иницира итна седница на Совет на Град Скопје

Филипче: Буџетот е скроен да се товари администрацијата со партиски вработувања,

Филипче: Зошто граѓаните да плаќаат за каматите на кредитите што Владата ќе им ги одобри на компаниите?

Катерина Ѓуровски

СДСМ поднела 200 амандмани на буџетот за 2025 за кој вели дека е нереален и генератор на нови долгови

Филипче му ја честиташе победата на Доналд Трамп