Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, го обвини лидерот на СДСМ, Венко Филипче, дека изнел невистинити информации за анкетите и за автомобилот за кој тврдел дека вреди 6.000 евра.
Манасиевски на денешната прес-конференција рече дека Филипче во анкетниот лист доставен до Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) пријавил две моторни возила, од кои едното е на неговиот брачен другар, „мерцедес“ во вредност од 44.000 евра, како и мотор вреден 25.000 евра.
– Во анкетниот извештај доставен до ДКСК, Филипче нема автомобил од 6.000 евра, туку две моторни возила, едно на брачниот другар, „мерцедес“ од 44 илјади евра и еден мотор од 25 илјади евра – рече Манасиевски.
Тој праша зошто Филипче зборувал за автомобил од 6.000 евра ако тоа возило не е наведено во анкетниот лист, посочувајќи дека јавноста треба да добие одговор дали станува збор за автомобил со повисока вредност и дали лидерот на СДСМ крие информации за својот имот.
Манасиевски изнесе и сомнеж дека автомобилот можеби е марка „ауди“ и дека бил добиен како подарок за тендер, но за ова тврдење на прес-конференцијата не презентираше докази.
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ упати критики и за други изјави на Филипче, обвинувајќи го дека претходно изнесувал невистинити информации за мигрантите, програмата ИПАРД, извештајот на Вајц, финансиската состојба на државата, анкетите, вакцинирањето на внучето и поседувањето златна виза.
– Ако лаже за ваква работа, којзнае за што друго ќе лаже понатаму ако дојде на власт – рече Манасиевски, додавајќи дека, според него, за луѓе како Филипче не треба да има место во политиката.
