Министерот Спасов отвори нова детска градинка во Битола

Од:

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов и градоначалникот Владимир Талески денеска во Битола ја отворија новата детска градинка „Пинокио“, лоцирана во населбата Долно Оризари, а го посетија и штандот на Општинската организација на Црвениот крст од Битола на плоштадот „Магнолија“ каде беше претставен проектот „Празна продавница, полно срце“.

Спасов посочи дека Министерството за труд и социјална политика создава услови за згрижување и воспитување на децата од предучилишна возраст и најави изградба на нови детски градинки во руралните населениместа, односно таму каде што досега немало такви објекти со што ќе се зголемат овие капацитети во општините низ државата.

– Отвораме нова детска градинка во населено место кое досега немаше просторни услови ниту капацитети за сместување, згрижување и предучилишно воспитување за децата. Со овој проект практично создаваме вистински услови и капацитети за да овозможиме децата од предучилишната возраст да воспитуваат во своето населено место, односно местото каде што живеат, рече министерот Спасов на денешната прес-конференција.

Општина Битола за реализација на овој проект вложи околу еден милион денари кои беа инвестирани во реконструкцијата на објектот, опремување и инфраструктурно уредување, потврди градоначалникот Владимир Талески.

– Отворањето на детската градинка во Долно Оризари е по барање на месното население. Има капацитет за 20, а во моментов услугите ги користат 16 деца. Во наредниот период и со поддршка од Министерството, детска градинка ќе отвориме во селото Кравари за што имаме соодветен проект, а нова градинка ќе има и во централното градско подрачје, истакна Талески.

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов на плоштадот „Магнолија“ го посети штандот на ОО на Црвен Крст-Битола каде беше промовиран проектот „Празна продавница-полно срце“.

– Станува збор за продавница која ќе им послужи на сите граѓани што сакаат да донираат употреблива облека, да ја остават на посочената локација, а потоа ќе биде донирана на семејства од социјално ранливите групи. Во Скопје имавме позитивен пречек и многу граѓани донираа облека и истото го очекувам од граѓаните на Битола. Оваа, е една хумана активност која ќе продолжи и во другите градови, а наскоро ваква продавница ќе биде отворена во Охрид, најави Спасов.

Би можело да ве интересира

Левица: Министерот Лимани ги остави градинките во Струга без кадар

Горан Наумовски

Во Скопје речиси 50 отсто од децата се невакцинирани со ди-те-пер

A1on

Здравствениот инспекторат ќе ги контролира вакциналните потврди за градинка, министерот ги прифати препораките

Катерина Ѓуровски

Инспекторатот ќе забрани невакцинирани деца во градинките кога ќе добие одлука од министерот

A1on

Училиштата и градинките ќе плаќаат за 35 отсто поевтино парно, Регулаторот ги намали сметките

A1on

Во градинките лани биле згрижени 35 932 деца

Ана Ололовска