Министерот Филипче на отворање на Балканскиот конгрес по урологија во Охрид

Од:

Повеќе од 250 лекари специјалисти од Словенија, Хрватска, Србија, БиХ, Црна Гора, Албанија, Бугарија, Турција и Косово и од државава учествуваат во работата на Балкански конгрес на уролози, што после тридецениски прекин повторно се одржува во Охрид, во организација на Македонското здружение на уролози.

Пред учесниците на научниот собир свое обраќање имаше министерот за здравство Венко Филипче, кој ја искористи можноста пред експертите уролози од регионот да посочи на неколкуте проекти спроведени од страна на ресорното Министерство во насока на подобрување на здравствените услуги и заштитата на пациентите.

– Еден од поголемите проекти беше повторниот почеток на кадеверичната трансплантација, каде огромен дел имаа нашите експерти уролози. Верувам дека и ние со нашите политики во Министерството за здравство придонесовме, а таа поддршка ќе ја продолжиме, со цел во континуитет да го подобруваме здравствениот систем и пристапот и квалитетот на здравствените услуги, рече Филипче.

Тој ги посочи и инвестициите во програмите за ретки болести, со речиси двојно зголемен буџет, пет нови молекули, сите пациенти внесени од листите на чекање.

– По барање на ЕУ, што беше влезено во последниот извештај од 2018 година го воспоставивме електронскиот регистар за ретки болести, почнавме со поставување на регистарот за онколошки болести. Донесовме лекови со сертификат, три нови инсулини, за 30 отсто се зголеми буџетот за вакцини, имаме две нови вакцини и најмодерен календар во регионот, согласно препораките на Светската здравствена организација, истакна Филипче.

Потсети на континуираното зголемување на платите на здравствените работиници, после минатогодишното зголемување на платите и средствата за дежурствата и ноќниот труд, најавувајќи реализација на ветените 100.000 денари плата за лекари специјалисти во 2020 година.

– Со гордост можам да го соопштам загарантираното вработување за сите доктори што ќе го завршат стажот во Лекарската комора, ќе се стекнат со лиценца и ќе добијат платено работно место во здравствените домови, таму каде ќе ги стекнуваат првите искуства во апликативната медицина, и тоа во службата за Итна медицинска помош , превенцијата и во патронажните сервиси. На тој начин сметам дека сите млади лекари ќе ги стимулираме да останат тука и преку мериторен систем да постигнеме квалитет, рече министерот.

Што се однесува на урологијата, тој изрази уверување дека домашните млади уролози имаат од кого да научат, а Министерсвото ќе продолжи да ја поддржува специјалноста, со ветување за набавка на роботот „Да Винчи“, како и поддршка на програмата за трансплантација.

Претседателот на Македонското здружение по урологија, Оливер Станков истакна дека наредните два дена колку што трае конресот во Охрид ќе се разговара за предизвиците со кои се соочуваат уролозите во секојдневотото работење, ќе придонесе за идентификување на дел од проблемите во урологијата, размена на знаења, ставови и искуства, споделување на современите методи за дијагностика и третман на пациентите, новите технологии и опрема, сето во интеракција на колегите од регинот.

– Конгресот ги интегрира сите субспецијалности што се занимаваат со проблематиката на урологијата и е посветен на современите достигнувања во областа, рече Станков.

Во Охрид ќе биде одржано и основачкото собрание на Балканската асоцијација по урологија, научна, професионална, неполитичка и невладина организација од јавен интерес, со приоритетна цел промоција и збогатиување на урологијата.

– Целта на формирањето на оваа здружение е вклучување на уролозите од регионот, кои преку научна соработка ќе придонесуваат кон унапредување и развој на урологијата, како и имплементација на новините во матичните држави, рече Станков.

На собирот во Охрид ќе се одржат повеќе научни предавања и сесии, за нови методи и технологии, најмногу во областа на роботската хирургија и лапараскопски интервенции.

Би можело да ве интересира

Приведен охриѓанец, го фотографирал гласачкото ливче

Катерина Ѓуровски

Работнички од Непал му избегале на газдата од Охрид, случајот пријавен во полиција

Орце Костов

(ВИДЕО) Пожар во охридската кафеана „Беко“

Горан Наумовски

Ванковска: Сосема нов Устав, затоа што постоечкиот е неупотреблив – дели наместо да сплотува

А1он

Левица од Охрид: Тука Нефи го рушеше АСНОМ додека Пецаков молчи

Орце Костов

Костадиновска-Стојчевска: Ги исполнуваме препораките на УНЕСКО и заеднички овозможуваме трајна заштита на Охридскиот регион