ВМРО -ДПМНЕ бара оставка од министерката за правда, Рената Дескоска поради случајот „Рекет“. По изгласувањето на потребата од носење на законот за обвинителство по скратена постапка, пратеникот Антонијо Милошоски обвини дека власта на сила се обидува да ги донесе законите.
„Бараме од другарката на Боки Тредичи, Рената Дескоска да си поднесе оставка зашто во нејзин мандат има најголем политички и судски скандал“, рече Милошоски.
Тој кажа дека повторно се злоупотребува ЕУ знамето, но опозицијата, како што рече, сепак ќе учествува во комисиската расправа и ќе предложи амандмани на законот.
„Имаме системски амандмани, а во однос на случаите на СЈО кои се во судски процес сметаме дека треба да продолжат, но истовремено сметаме дека треба да се почитува постоечкиот закон за СЈО каде пишува дека мандатот на помошниците обвинители не може да биде подолг од мандатот на специјалниот обвинител“, рече Милошоски и додаде дека обвинителите од СЈО треба да се вратат во матичните обвинителства.