Дамјан Манчевски денеска ја презеде функцијата министер за информатичко општество и администрација од досегашната министерка Марта Арсовска Томовска.
Манчевски доаѓа во извршната власт со искуство на позиции во партијата и во локалната власт. Беше шеф на изборниот штаб на СДСМ за предвремените парламентарни избори во ноември лани, на кои беше избран за пратеник.
Во ресорот што го презеде Манчевски со новата владина програма меѓу другото се најавуваат даночни олеснување за сите ИКТ компании кои извезуваат софтвер и услуги и намалување на данокот на добивка за информатика и информациски технологии на пет проценти. Со тоа се очекува да се овозможат нови вработувања, зголемен девизен прилив и отворање нови ИТ компании.
Во соработка со ИКТ заедницата во Македонија, Владата најавува дека ќе финансира иновативни решенија кои ќе ја зголемат ефикасноста на политиките во земјоделството, образованието и внатрешните работи.
Владата со програмата предвидува и поддршка за отворање технолошко-развоен истражувачки центар за согледување на предностите на македонските мали и средни претпријатија во однос на европските и за елиминирање на сегментите во кои тие заостануваат..