Макрадули не кажува дали подготви легализација на дивите платформи на Матка

Од:

Заменик министерот за животна средина Јани Макрадули, втор месец не кажува дали со новиот закон за Матка ќе овозможат легализација на дивите платформи поставени во заштитеното подрачје на кањонот. На седми март, годинава, тој јавно кажа дека зонирањето на Матка е завршено и со тоа е точно утврдено во која зона што ќе биде дозволено, но веќе месец и половина не одговара на прашањата од „А1он“ во која зона спаѓаат дивопоставените платформи и дали со зонирањето ќе се овозможи нивна легализација.

„Зоните ќе дефинираат која е за строга заштита, која е за активно управување и која е за одржлив развој. Во секоја од различните зони можете нешто да правите, зоната тоа ќе го дефинира. Зонирањето е завршено и верувам дека законот брзо ќе дојде законот во владина процедура“, рече заменик-министерот Макрадули на почетокот на минатиот месец.

И покрај ваквото објаснување од заменик-министерот, од Министерството сега велат дека се уште работат на дефинирање на зоните.

„Од 2018 година ЕУ финансира грант проект во соработка со УНДП и МЖСПП на Град Скопје каде главна цел е да се дополни Студијата за ревалоризација на природните вредности на ’Кањон Матка’  согласно подзаконски акт-Правилник за содржината на студија за валоризација или ревалоризација на заштитено подрачје или поточно да се прецизираат предлог надворешните граници во ГИС, границите на распространување на предлог зоните во ГИС  и пополнат со податоци поглавјата на студијата согласно Правилникот, особено да се внесат нови податоци за живеалишта и видови од национално и ЕУ значење, податоци за социоекономските карактеристики на подрачјето како сопственици и корисници на земјиште во заштитеното подрачје, податоци за тековни и идни проекти и просторно-планска документација, кои имаат влијание врз заштитеното подрачје. Активноста ја спроведува приватна компанија УНИГА СТИЛЛ ДООЕЛ од Скопје а координатор на активноста е Васил Атанасовски со тим на експерти. Во моментов се финализираат предлог зоните за што експертите ќе организираат и јавна презентација“, ова е одговорот од Министерството за животна средина на прашањето дали со зонирањето на Матка се овозможува легализација на веќе поставените платформи.

На седми март, годинава, Макрадули јавно кажа дека зонирањето на Матка е завршено и со тоа е точно утврдено во која зона што ќе биде дозволено

„А1он“ ги побара зоните и предлог законот за Матка, но од Министерството нема никаков одговор на барањето.

Додека Министерството ги крие зоните на Матка, градоначалникот на Сарај, Блерим Беџети вели дека се уште не стигнале на ред за разгледување барањата за легализација на две од трите платформи на Матка. Едното барање, она од ресторанот, веќе го поништиле, а останатите две барања чекаат ред за разгледување веќе два месеца. Градоначалникот Беџети најави дека ќе ги почитува законските процедури и правото на жалба на странките за веќе поништеното барање за легализација на платформа на Матка, а така ќе постапи и со останатите барања. Тој не ја исклучи можноста да поминат и неколку месеци додека завршат сите административни процедури по поднесените барања за легализација, на кои во овој момент не постои можност да биде одговорено позитивно. Законот за Матка ќе одреди дали и што може да се легализира, а  неговото донесување заменик-министерот за животна средина очекува да биде за кусо време.

Маја Илиевска-Пачемска

Би можело да ве интересира

Ковачевски: ЈО да реагира за дивоградбата на „Пластичарска“, на народот му е преку глава од криминал и од изигрување на законите

Спасени туристи од Хонг Конг кои се загубиле на Матка

Дива населба во долината на Бабуна : Гето од дивоградби кое ниту може да се урне, ниту може да се легализира

Орце Костов

Кривична пријава за бесправно градење во Центар Жупа

А1он

Кривична пријава за дебарчанец кој на парцела на МПЦ изградил дивоградба

А1он

Утре над 500 домашни и странски тркачи ќе учествуваат во трката Водно-Матка Треилс

Ана Ололовска