Романски државјанин синоќа бил успешно пронајден во кањонот Матка, откако побарал помош преку Единствениот повикувачки број за итни случаи 112. Лицето се изгубило при самостојно движење во реонот на Матка, во близина на пештерата Врело, на подрачјето на Општина Сарај.
Веднаш по приемот на пријавата, Центарот за управување со кризи (ЦУК( ги презел сите неопходни активности и ги известил Министерството за внатрешни работи (ЦИК Скопје), Дирекцијата за заштита и спасување и Црвениот крст на Република Северна Македонија, со барање за нивно вклучување во потрагата.
– Преку континуирана комуникација со изгубеното лице, операторите на ЦУК успеаја да ја утврдат неговата приближна локација врз основа на координатите и податоците од повикот на 112, по што тие беа доставени до ЦИК при МВР за полесно и побрзо лоцирање. На лицето му беше дадена јасна инструкција да не се движи од местото каде што се наоѓа, бидејќи поради ноќта, непристапниот терен и дезориентацијата, тоа претставувало најбезбедна опција и воедно овозможувало полесно спроведување на потрагата – информираат од ЦУК.
Од страна на МВР – ЕВР Ѓорче Петров и Полициската станица Сарај, во координација со ЦУК, веднаш била организирана теренска потрага. Поради непристапноста на теренот од страната на Матка, спасувачката екипа до местото се упатила преку Националниот парк Јасен.
Во потрагата, со теренско возило, активно се вклучи и директорот на Центарот за управување со кризи, Мухамед Али, како поддршка на полициските екипи.
– Во 03:45 часот лицето беше успешно пронајдено. Иако било видно испаничено и дезориентирано, било во стабилна здравствена состојба. По пронаоѓањето, беше пренесено во Полициската станица Сарај, каде што Министерството за внатрешни работи презема понатамошни мерки согласно своите надлежности, имајќи предвид дека станува збор за странски државјанин – се наведува во соопштението од ЦУК.
Тројца планинари синоќа успешно биле извлечени од планината Бистрица. Преку Единствениот повикувачки број за итни случаи 112, во 18:46 часот, во Регионалниот центар за управување со кризи (РЦУК) Тетово била примена пријава од лице кое побарало помош за извлекување од планината Бистрица, поради заглавеност на непристапен и тежок терен.
Како што соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК), според добиените информации, станувало збор за група од тројца планинари, при што едно од лицата за време на движењето почувствувало посериозни здравствени тегоби – болки во градите, отежнато дишење и отежнато движење. Лицата не биле повредени, но поради здравствената состојба и непристапноста на теренот било потребно итно организирање на спасувачка акција. До нивната локација не постоела можност за пристап со теренско моторно возило, туку било потребно пешачење од најмалку три до четири часа.
Веднаш по приемот на пријавата, Центарот за управување со кризи, преку РЦУК Тетово, воспостави координација со СВР Тетово, Итната медицинска помош, Дирекцијата за заштита и спасување – Тетово и Националниот парк „Шар Планина“, со цел организирање на безбедна евакуација на лицата.
Во акцијата беше вклучен и алпинист-спасител, член на Тимот за брза интервенција и спасување во планина, кој веднаш се упати кон пријавената локација. Во текот на целата акција, ЦУК преку РЦУК Тетово одржуваше континуирана комуникација со пријавителите и ја координираше работата на сите надлежни институции, согласно Стандардните оперативни процедури за спасување лица во животозагрозувачка состојба.
По пристигнувањето на алпинистот-спасител до групата, во консултација со тимот на Итната медицинска помош беше извршена проценка на здравствената состојба на лицето. Констатирано беше дека, со придружба на спасителот, може безбедно да се движи до пристапна локација.
На безбедната точка планинарите беа пречекани од полициски службеници и екипа на Итната медицинска помош, по што беа транспортирани до Клиничката болница во Тетово за понатамошен лекарски преглед.
Подоцна, Полициската станица Теарце извести дека лицата безбедно пристигнале во селото Лешок, каде што екипа на Итната медицинска помош му укажала прва помош на лицето поради чии здравствени тегоби беше организирана акцијата. По извршените лекарски прегледи беше констатирано дека лицата не се здобиле со повреди и, по укажаната медицинска помош, беа пуштени на домашно лекување.
