Македонија е неподготвена за природни катастрофи, недостиг на пожарникари, опрема и стратегија

Од:

Системот за заштита и спасување во Македонија не располага секогаш со потребната стратешка, институционална и оперативна подготвеност за ефикасен одговор при катастрофи, особено при шумски пожари, поплави и екстремни временски услови, констатира Државниот завод за ревизија (ДЗР).

Во ревизијата на успешност на тема „Градење на систем за управување со кризи, заштита и спасување преку инвестиции во опрема и ресурси, одржување на средства со цел да се зголеми оперативноста, ефикасноста и ефективноста“, ревизорите утврдиле слабости во стратешкото планирање, координацијата и управувањето со ресурсите, како и недоволни човечки и материјални капацитети.

Особено е нагласен ризикот од шумски пожари, кој е зголемен и поради климатските промени. Според податоците од „Предвремениот извештај за шумските пожари во Европа, Блискиот Исток и Северна Африка за 2024 година“, изготвен од Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија во рамки на Европскиот информациски систем за шумски пожари (EFFIS), во Македонија во 2024 година биле регистрирани 97.660 хектари изгорена површина.

Тоа, според ДЗР, е највисоко ниво во последната деценија и е поголемо од вкупната изгорена површина регистрирана во претходните шест години заедно.

Податоците на ЈП „Национални шуми“ покажуваат дека во периодот од 2023 до 2025 година биле евидентирани 82.714 хектари изгорена површина, 914.657 кубни метри изгорена дрвна маса и штета од 133,6 милиони евра. Само во 2024 година, штетата изнесувала 83,1 милион евра.

ДЗР констатира дека сè уште не е донесена Национална стратегија за заштита и спасување, иако последната била со важност до 2018 година.

Изготвена е нацрт-стратегија за периодот 2026–2030 година, но таа не е усвоена. Не е донесена ниту Годишна програма за заштита и спасување, а Планот за заштита и спасување на Републиката не е ажуриран.

Ревизорите наведуваат и дека процената на загрозеност од природни непогоди и други несреќи, донесена во 2007 година, не е ажурирана согласно новите ризици и современите услови.

„Отсуството на стратешки документи придонесува за недостаток на јасно дефинирани приоритети, насоки за развој и сценарија за дејствување, што влијае врз начинот на управување со ризици и катастрофи“, се наведува во ревизијата.

Оперативните сили се соочуваат со недоволна пополнетост со човечки ресурси, недостаток на опрема и отсуство на механизми за следење на нивната ефективност.

Како пример е наведена Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје, која е одговорна за заштита и спасување на околу 617.000 жители на површина од 1.818 квадратни километри.

Во 2024 година бригадата имала 1.412 интервенции по пожари и 161 техничка интервенција. Од 384 систематизирани работни места за пожарникари, биле пополнети само 172.

Утврдена е и застарена противпожарна опрема, што, според ревизорите, влијае врз оперативната подготвеност и ефикасноста.

ДЗР посочува и дека планинското спасување не е законски уредено како дел од оперативните сили во системот за заштита и спасување.

Системот се финансира преку државниот буџет и буџетите на единиците на локалната самоуправа, но, според ДЗР, не е воспоставен модел на финансиска одржливост со долгорочно инвестициско планирање и поефикасно користење на донаторските и меѓународните средства.

Во периодот 2022–2024 година за противпожарна заштита биле обезбедени вкупно 2,23 милијарди денари. Од нив, 1,4 милијарди денари биле од наменски дотации од државниот буџет, 782,9 милиони денари од буџетите на општините, а 11,1 милиони денари од донации.

Од вкупните средства, 98,5 отсто биле насочени кон тековни расходи, главно плати и надоместоци, додека само 1,5 отсто биле капитални расходи.

Според ДЗР, тоа го ограничува просторот за модернизација, набавка на опрема и возила и зајакнување на оперативната подготвеност.

Во исто време, наменските дотации за територијалните противпожарни единици во Буџетот за 2026 година се зголемени од 525,5 милиони денари во 2025 година на една милијарда денари во 2026 година, односно за 90,3 отсто.

Слабости и во воздушните сили

Ревизијата утврдила слабости и во управувањето со воздушните сили за справување со шумски пожари, особено во делот на човечките ресурси, логистиката и набавките.

За сервисирање, резервни делови и осигурување на воздухопловите во периодот 2023–2025 година биле потрошени вкупно 149,9 милиони денари.

Во 2023 и 2024 година годишните трошоци изнесувале 59,5 и 59,6 милиони денари, што претставувало по 7,4 отсто од проценетата вредност на воздухопловите.

ДЗС има повеќе од 30 магацини без интегриран систем за евиденција

Значајни слабости се утврдени и во управувањето со материјалните средства во Дирекцијата за заштита и спасување.

ДЗС располага со повеќе од 30 магацини во подрачните одделенија, но нема воспоставен интегриран систем за материјална и финансиска евиденција. Ревизорите утврдиле и недостиг на магационери и соодветни контроли.

Не бил извршен целосен попис и усогласување на состојбата, ниту било обезбедено следење на движењето на средствата.

Вредноста на евидентираните средства од 6,59 милијарди денари во 2024 година се намалила на 3,83 милијарди денари во 2025 година, односно за 41,9 отсто.

Кризите се прогласуваат кога локалните капацитети не се доволни

Според ДЗР, системот за управување со кризи функционира претежно реактивно, преку постепено активирање на ресурсите од локално кон национално ниво.

Во услови на недоволни локални капацитети се прогласува кризна состојба и се ангажираат ресурсите на Армијата, Министерството за внатрешни работи и меѓународната помош.

Во текот на 2024 и 2025 година повеќекратно биле прогласувани кризни состојби поради пожари, што, според ревизорите, укажува на недоволни капацитети за ефикасно справување со катастрофи.

Дополнително, не е воспоставен систем за анализа, следење и оценување на ефективноста на дејствувањето на силите за заштита и спасување.

Како позитивен пример во ревизијата е издвоена Општина Охрид и Планинската спасителна служба на Црвен крст Охрид, каде што е воспоставена организација и координација со обезбедено финансирање, човечки ресурси и обучени спасувачи согласно меѓународните стандарди.

За контрола на сите правни субјекти би биле потребни околу 55 години

Ограничени капацитети се констатирани и кај инспекцискиот надзор. Годишно се реализираат меѓу 1.168 и 1.369 надзори, со само 14 до 17 инспектори.

Во февруари 2026 година ДЗС доставила информација до Владата во која укажала дека со постојниот начин на работа и просечно извршување на околу 1.300 надзори годишно, би биле потребни приближно 55 години за контрола на сите правни субјекти.

За редовен и контролен инспекциски надзор еднаш годишно, според проценката на ДЗС, би биле потребни 322 инспектори, при 72.181 активни претпријатија.

ДЗР препорачува реформи за воспоставување интегриран и функционален систем за заштита и спасување, преку донесување Национална стратегија, воспоставување јасна нормативна рамка, обезбедување стабилно финансирање, зајакнување на човечките и материјалните капацитети и воспоставување ефикасен систем за мониторинг и надзор.

Би можело да ве интересира

Работните спорови ја чинеле државата 64 милиони евра, тројно зголемен бројот на тужби

Нема активни пожари, два се под контрола, а 14 изгаснати

Вкупно 12 пожари на отворен простор, нема активни, еден под контрола

Милиони евра за неискористена опрема, адитив со истечен рок и спорни анекси – ДЗР откри низа пропусти во јавните набавки на ЕСМ

Катерина Ѓуровски

Нема активни пожари, а еден е под контрола – кај село Белица и Јасен

Во изминатото деноноќие 11 пожари, само еден е активен