Макрадули: Малку се користат сознанијата на науката против аерозагадувањето

Од:

Научната фела во земјава преку системот на мерни станици располага со многу податоци и сознанија за аерозагадувањето, но во пракса тие малку се користат, рече денеска заменик министерот Јани Макрадули.

На средбата со ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД), Блажо Боев и со раководителот на лабораторијата „Амбикон“ при УГД – Штип, Дејан Мираковски, Макрадули разговараше околу можноста овие мерни станици да бидат дел и од државната мрежа.

Во фокусот беше и предвидувањето на аерозагадувањето со помош на различни техники и технологии.

– Верувам дека тоа ќе стане наша реалност од следната зима и дека граѓаните ќе можат да знаат што ги очекува во следните три до пет дена. Во една поинтензивна соработка меѓу универзитетите и факултетите очекувам не само решенија што ќе бидат применливи, туку и решенија кои ќе бидат место и плодна почва за аплицирање на многу меѓународни проекти за да можеме со повеќе ресурси да се справуваме со аерозагадувањето, напомена заменик-министерот.

Според Макрадули, набавката на нови автобуси во Скопје и донесувањето на законот за возила по претседателските избори со кој ќе се намали увозот на стари, половни автомобили, се само дел од мерките кои би требало да го намалат загадувањето.

-Очекувам Собранието, во моментот кога ќе почне да работи, да го донесе законот за возила и тоа е една од мерките со кои, сметам, ќе се зголеми бројот на нови возила и ќе се намали бројот на старите што се увезуваат. Исто така, и подобрување на јавниот транспорт, како што е набавката на новите автобуси во Скопје. Тие се методите и во тој правец одиме, истакна Макрадули, додавајќи дека работна група составена од претставници на министерствата за животна средина и за финансии, како и од Царинската управа, веќе работат на регулирање на таксите што се плаќаат врз основа на издувните гасови.

Повтори и дека регионалното менаџирање на отпадот е единственото и најдобро решение за справување со дивите депонии.

-Недозволиво е цела држава да биде заложник на непознавањето на неколку општини кои го кочат процесот каде што егизистираат десетици диви депонии, а не сакаат да направат фабрика што ќе произведува електрична енергија, потенцира Макрадули.

Како што информира, со зголемен буџет за 100 проценти и нови 14 вработени, се засилува капацитетот на Државниот инспекторат за животна средина. Но, за да се зголемат контролите врз загадувањето ќе се интервенира и во Законот за инспекциски совет, а целта е ингеренции во овој сегмент да добијат и локалните самоуправи.

Советодавното тело во кое ќе членуваат универзитетски професори и експерти ќе треба, меѓу другото, сите досега добиени резултати, апликации и податоци да ги стави на едно место и во служба на ефикасна имплементација.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Шукова: Не може граѓаните да се гушат, нивното здравје да биде под ризик, а ДПМНЕ да спие како власт

ВМРО-ДПМНЕ: СДС да мислеа повеќе на животната средина наместо да крадат кај ќе стигнат, ќе направеа нешто

Кузеска: Власта да не го игнорира загадувањето, да ги прифати и да ги реализира мерките на СДСМ

Скопје утрово со умерено ниво на аерозагаденост, прекинат прагот на алармирање во Струмица

СДСМ предлага серија на итни мерки за борба против загадениот воздух

Прекинат прагот на алармирање за аерозагадувањето во Струмица