Македонско-бугарска интернет војна на „Википедија“ за Гоце, Даме и Сандански

Од:

Вистинска интернет војна се одвива на македонската страница на Википедија каде што бугарски уредници најмалку еднаш во месецот го менуваат потеклото на Гоце Делчев, Даме  Груев, Јане Сандански, Питу Гули. Од „македонски револуционер“ тие пишуваат дека е бугарски, па македонските уредници на веб-страницата, кои се волонтери, имаат полни раце работа постојано да го менуваат овој податок.

Откако денеска објавивме дека на „Википедија“ на македонски јазик сменето е потеклото на македонските револуционери, исконтактиравме со дел уредници – волонтери на веб-страницата, кои велат дека „буквално не можат да ги престигнат бугарските уредувачи“.

„Проблемот е константен со бугарските уредувачи, кои истово се обидуваат да го вметнат и во статиите на Википедија на македонски јазик. Кај нас имаме алатка да ги спречиме, ревертираме, отстраниме, но немаме алатка за сите останати јазични Википедии и на другите проекти (како што се Википодатоци, или Wikidata). Ние Википедијанците на македонската Википедија сме волонтери, кои своето слободно време го посветуваат на оваа енциклопедија, се трудиме да се бориме со ваквите појави, но не стигнуваме секаде да ги претркаме Бугарите“, ни рече еден од волонтерите на македонската „Википедија“.

Впрочем, тоа лесно може да се види и од историјата на страницата, каде што транспарентно се гледа кој и како ги врши промените.

Колку за пример, за Гоце Делчев, најмалку еднаш месечно има промени: „македонски револуционер“ се менува во „бугарски револуционер“ и така постојано, понекогаш и по неколку пати дневно.

„Википедија“ е осмислена со цел секој да може да даде придонес за полесно осознавање на фактите, односно станува збор за проект на создавање на енциклопедија со слободна содржина кон која секој може да даде придонес. Но, очигледно и слободата понекогаш создава можност за манипулации, особено кога се инволвирани национални прашања.

Википедија на македонски јазик е една од најпребаруваните веб-страници и истата може да биде уредувана од секој граѓанин. Веб-страниците на Википедија на различни јазици се и на првото место каде што милиони луѓе одат за да научат некој факт набрзина или за да почнат пошироко истражување.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Бугарија повторно има преодна влада, на избори оди на 9 јуни

Романија и Бугарија делумно влегоа во Шенген зоната

Нов земјотрес ја стресе Бугарија

Бугарија оди на нови избори

Во Бугарија не е постигнат договор за нова влада

Почина бугарскиот патријарх Неофит