ВИДЕО: Македонка се враќа од Кувајт, ќе работи како анестезиолог на детската кардиохирургија „Жан Митрев“

Од:

Докторка од Македонија, која заминала на работа во Кувајт, се враќа во државата и од следниот месец ќе работи како анестезиолог на детската кардиохирургија на Клиниката „Жан Митрев“. Со неа лично преговарал Жан Митрев откако детската кардиохирургија почна да функционира како јавно-приватно партнерство.

„Досега приватното и јавното здравство се делеа како конкуренција и, да не кажам, како непријатели. Ги здруживме квалитетот и стручноста за децата да добијат врвна медицинска нега. Се создадоа услови да станеме интересни за многу пациенти од целиот регион и наши доктори да се вратат во Македонија. Од следниот месец тука ќе работи докторка анестезиолог, која сега работи во Кувајт. Во преговори сме и со наши доктори во Германија, кои сакаат да се вратат“, рече доктор Жан Митрев.

На оваа клиника од пред два месеца се оперираат и бебиња до една година, а трошоците целосно ги покрива Фондот за здравствено осигурување. Доктор Владимир Чадиковски, кој со својот тим од Детската клиника премина во „Жан Митрев“, вели дека во болницата на располагање имаат 12 кревети за интензивна нега, операциона сала, магнет и компјутер во секое време, а целта им е да ги згрижат најтешко болните деца во Македонија.

„За два месеца, колку што сме овде а по 20 години поминати на Клиника, направивме повеќе од 10 интервенции. Од нив, шест беа под надзор на доктор Жан Митрев, а другите ги следеше тимот од американски доктори. Дете болно од цироза веќе е подготвено да си замине дома, чека трансплантација. Две новороденчиња под два килограма телесна тежина починаа во овој период. Тие не беа оперирани и за нив бевме во постојана комуникација со колегите од Бугарија“, рече Чадиковски.

Заедно со него во „Жан Митрев“ се дојдени четворица педијатри, двајца анестезиолози и три сестри од Детската клиника. На располагање им се стручни мислења од колегите од Бугарија, а ќе соработуваат и со експерти од Тексас, Вашингтон и од Хјустон.

„Странските експерти кои имаат искуство вредно злато ќе ги плаќа клиниката“, рече Митрев.

Министерот за здравство, Венко Филипче, уште еднаш повтори дека посегнале по јавно-приватно партнерство оти не можеле на Универзитетската клиника и со инвестирање да создадат услови какви што веќе има во „Жан Митрев“. Тој најави дека нова физибилити-студија треба да покаже во кои сè делови од здравствениот систем може да се примени јавно-приватно партнерство со цел да им се понуди квалитетна услуга на пациентите.

Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Даниел Дончев, нагласи дека плаќаат иста цена за услугите во „Жан Митрев“ како што плаќале и на Детската клиника. За годинава се предвидени 65 милиони денари.

Маја Илиевска-Пачемска

Би можело да ве интересира

„Не може да се дојде до термин на државна кардиохирургија“: Пациентите незадоволни откако Фондот ги намали операциите во приватните клиники

Орце Костов

Вработените во здравството ќе протестираат на 8 април, нема да добијат усогласување со минималната плата

Протест на лекарите специјализанти, во тек состанок со претставници на Министерството за здравство

Клиника „Жан Митрев“ 24 години – еден милиони прегледи и 400.000 успешни приказни

Синдикати бараат новиот министер за здравство да ги потпише анексите усвоени од Влада

Скопјани имаат најголеми, а жителите на Крушево најмали можности за здравствена заштита

Катерина Ѓуровски