Македонија и 15 земји од Централна и Источна Европа ќе соработуваат со Кина на полето на иновациите

Од:

Македонија и 15 други земји од Централна и Источна Европа, заедно со Кина ќе соработуваат на полето на иновациите и новите технологии, за што усвоија заедничка изјава во рамки на третиот форум „Sarajevo Unlimited 2018“, што се одржува од 5 до 7 ноември во Сараево, Босна и Херцеговина.

Фондот за иновации и технолошки развој информира дека министрите и официјалните претставници на Македонија, Албанија, БиХ, Бугарија, Хрватска, Чешка, Естонија, Унгарија, Латвија, Литванија, Црна Гора, Полска, Романија, Србија, Словачка, Словенија и Кина преку заедничкиот документ ја истакнуваат важната улога на овој вид соработка и го поздравуваат досега постигнатиот напредок во поглед на иновациите и технолошкиот напредок на билатерално и мултилатерално ниво. Државите се обврзуваат и понатаму да ја засилуваат соработката, истовремено искажувајќи посветеност на реализација на започнатите активности во овие земји во споменатите области.

– Владата на Република Македонија во 2018 година ја зголеми финансиската поддршка за иновации и технолошки развој за 13 пати или за 1300 проценти споредено со изминатите четири години. Воспоставени се три бизнис акцелератори и неколку програми за развој на иновации кај младите. Имаме голем интерес за развој на регионални програми и проширување на билатералната соработка со сите земји од 16 + 1 иницијативата, истакна Јован Деспотовски, директор на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) обраќајќи се на денешната панел дискусија организирана во рамките на форумот на тема на „Можностите за иновативна соработка под чадорот на иницијативата „16+1’“.

Преку оваа иницијатива, Кина го постави фокусот на три примарни области за економска соработка: подобрување на бизнис инфраструктурата, високо развиени технологии и зелени технологии, како и полиња во кои соработката со академската фела е од примарно значење. Надоврзувајќи се на оваа цел, првиот човек на ФИТР ја истакна важноста на новите научни сознанија во поглед на раст и развој на бизнисот.

-Наша цел е да развиеме 100 до 150 успешни иновативни компании дома, да креираме успешни примери и потоа да ги поврземе со други компании од Југоисточна Европа, сѐ со цел креирање повеќе можности. Имаме голем број компании што користат истражувачки кадри и факултети, па следна фаза ни е да ги вклучиме и универзитетите. Знаеме дека партнерството меѓу академијата и бизнисот е клучна, а во таа насока во моментот го градиме Технолошкиот парк во Скопје, истакна Деспотовски.

„Sarajevo Unlimited 2018“ претставува регионален форум за иновација, технологија и претприемништво, прв од ваков тип во регионот. Целта на настанот е создавање платформа што ќе ги претстави и потенцира успешните приказни на она што веќе е постигнато во регионот во однос на имплементирање на иновациите во образованието и бизнис еко-системот, но и поефикасно поврзување на инвеститорите, пазарите и релевантните институции.

Во рамките на третото издание на фестивалот се случува и поврзување со уште една важна иницијатива, „16+1“. Целта на Кина со оваа Иницијатива е да ја интензивира и прошири соработката со 11-те земји членки на ЕУ и петте балкански земји во областа на инфраструктурата, трговијата, инвестициите, транспортот, земјоделството, финансиите, науката, образованието и културата, што ќе овозможи внатрешен развој на земјите, регионална поврзаност и поголема соработка во насока на забрзан економски развој.

Би можело да ве интересира

Невремето без струја го остави целиот дебарски регион

Предраг Петровиќ

Земјотрес ја погоди Босна и Херцеговина

Го претепа кучето со метална шипка по глава само затоа што извршило нужда пред капијата

Предраг Петровиќ

Османи: Гледаме многу загриженост кај Албанците во Македонија во однос на правата стекнати со Охридскиот договор

Шведската полиција откри кинески брод во близина на можна саботажа на два кабли на Балтикот

Предложен едномесечен притвор за министерот Бојан Бошњак