Лидерска средба за нов датум за парламентарни избори: Ќе постигнат ли партиите консензус?

Од:

Во Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски денеска ќе се одржи лидерска средба за терминот на одржување на предвремените парламентарни избори, кои беа закажани на 12 април, но беа одложени со уредба на Владата поради прогласувањето вонредна состојба и ширењето на ковид-19. Лидерите исто така се очекува да зборуваат и за евентуално продолжување на вонредната состојба, за состојбата со коронавирусот во земјата и препораките на здравствените власти, и како да се спроведе кампања и гласање, а да се заштитат граѓаните.

На средбата се поканети претседателите нa парламентарните политички партии од власта и од опозицијата кои на последните парламентарни избори освоија пратенички мандати со самостојни листи. Како што соопштија од Кабинетот на претседателот, на средбата се очекува да присуствуваат претседателите на СДСМ Зоран Заев, на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, на ДУИ Али Ахмети, на Алијанса за Албанците, Зиадин Села, на Алтернатива Африм Гаши, на Движење Беса Билал Касами и на ДПА, Мендух Тачи. На разговорите поканети да учествуваат се и претседателот на Собранието Талат Џафери и премиерот Оливер Спасовски.

Избори за еден месец, во јули или во друг термин?

Од денешната средба кај Пендаровски се очекува да произлезе решение за датумот за парламентарни избори, за што во изминатите денови партиите од власта и опозицијата изнесоа различни размилувања. Освен нив поинакви ставови изнесоа и сегашни и поранешни членови на Државната изборна комисија (ДИК). Дали, сепак, и овој пат на парламентарните избори „ќе им пресуди“ бројот на заболени и евентуалното натамошно ширење на коронавирусот во земјата вклучувајќи го и почитувањето на мерките од страна на граѓаните, останува да се види во наредните денови.

Партиите од власта предводени од СДСМ на средба во неделата излегоа со став дека на избори треба да се оди во средината на јуни искористувајќи го олабавувањето на мерките за спречување на ширењето на коронавирусот и стабилизацијата на пандемијата. Овој став, како што најавија од коалицијата „Можеме“ ќе биде пренесен на денешната лидерска средба.

Според лидерот на СДСМ Зоран Заев би било неодговорно да се загрозува здравјето на граѓаните и да се оди на избори на есен кога се очекува новиот пик на заразата. Тој смета дека треба да се искористи ситуацијата кога пикот на коронавирусот е поминат и кога интензитетот се намалува за да се одржат изборите затоа што во такви услови нема ризик по здравјето на граѓаните.

Тоа би и дало можност на државата подобро да се подготви за новиот бран со избрана политичка влада и Собрание и функционални институции за економски подобро да се справи со последиците. Доколку се повтори кризата, според Заев, ќе останеме надвор од какви било уставни можности. Тој очекува на средбата да биде постигнат консензус и да биде дефиниран датум за одржување на изборите согласно препораките од Комисијата за заразни болести и да се говори за начинот на водење на кампањата.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ потенцираа дека на лидерската средба треба сите ученици да направат обид да се постигне консензус. Лидерот на партијата Христијан Мицкоски изјави дека се за одржување избори ова лето, но за избори кои нема да го загрозат животот на граѓаните.

Прв и основен приоритет за ВМРО-ДПМНЕ, вели, е здравјето на граѓаните, а дури потоа може да се дискутира за какви било датуми што ќе овозможат фер и демократско презентирање на политичката платформа.

– За да видиме кога ќе се одржат избори сакам да ги слушнам здравствените власти и по тоа да се водам, а исто така и претседателот на ДИК колку време се потребни за подготовки на предвремените парламентарни избори, рече Мицкоски.

Смета дека според правните норми, по завршување на вонредната состојба потребни се 60-тина дена за да се организираат изборите.

– Сценарио од аспект на тоа како понатаму ќе се одвиваат изборните дејства треба да каже ДИК. Практично колку време им е потребно за да го спроведат овој фер и кредибилен изборен процес. На овие избори и покрај тоа што граѓаните ќе бираат, а политичките партии ќе ја бараат поддршката на граѓаните, неопходно е да имаме кредибилно присуство на меѓународни набљудувачи на ОБСЕ и ОДИХР. Границите на ЕУ остануваат затворени до 14 јуни. Понатаму, СЗО за три месеци го продолжи рокот за од кога ја прогласи пандемијата. Така што има многу фактори што треба да се анализираат пред да ја донесеме конечната одлука, смета Мицкоски.

Еден од потпретседателите на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски вчера во изјава за медиумите рече дека опозициската партија денеска на лидерската средба ќе настапи со свој план за излез од оваа криза кој што ќе води до одржување на избори, но избори на којшто ќе бидат сигурни дека ниеден човечки живот нема да биде загрозен и оти ниту еден човек нема да заболи од коронавирусот или, пак, да го изгуби животот.

-Има бројни прашања за кои што треба да се дискутира, едното е справувањето со здравствена криза, второто е справување со економската криза, трето е секако одржувањето потенцијално на избори, четврто на што ние инсистираме е одговор на условувањата што Бугарија ги поставува во однос на евроинтеграциите на Македонија. Така што тоа се еден голем сет на прашања за кој се надевам дека ќе успееме да постигнеме консензус, рече Николоски.

Во однос на датумот, 14 јуни, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека секојдневно има новозаболени од коронавирусот, периодот на инкубација е 14 до 21 ден, а потенцијално и од овие новозаболени може да има други што би било за време на одржување на кампања, односно во тек на изборите. ЕУ, додаде тој, донесе одлука дека границите за влез и за излез ќе бидат затворени најмалку до 15 јуни, а некои држави членки како Франција ја продолжија вонредната до 24 јули. Тоа, според него покажува дека ќе биде невозможно во Македонија да има меѓународен мониторинг на изборите доколку тие се на 14 јуни.

Од друга страна, пак, СДСМ вчера го реафирмираше ставот за одржување брзи избори обвинувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски се исплашени од изборно соочување бидејќи ќе бидат поразени.

-Мицкоски се плаши од волјата на граѓаните, тоа е видливо и тоа е јасно и затоа пласира бројни невистини. Последна лага на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ е дека наводно Венецијанската комисија наложила државите да организираат избори ако се поминати 60 дена по завршување на вонредната состојба. Тоа воопшто не е точно и дополнително таква препорака не се однесува на нашата земја туку само на Грузија, поради одредби во нејзиниот Устав, изјави на прес-конференција Снежана Калеска Ванчева од СДСМ.

Таа апелираше на одговорност и ставање на интересот на државата и на граѓаните на прво место. Тоа значи избори во најкус можен рок, веднаш по спласнување на пандемијата.

-Реално, како партија на власт, ни одговараат избори што порано, но не прејудицираме кога да се одржат. Треба да се имаат предвид сите аспекти и евентуалниот втор пик во септември, па да се донесе вистинска одлука за терминот на одржувањето на изборите иако некои сакаат тоа да се случи во прозорецот меѓу двата пика. Најважно за нас е изборниот процес да не создаде ситуација никој да не се разболи, порача вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи.

Како ДУИ, додаде тој, се обидувавме воопшто да не ја спомнуваме темата за избори, бидејќи од старт луѓето мислат дека е се завршено со мерките за справување со коронавирусот и се олабавуваат.

Го посетил Институтот за јавно здравје каде разговарал со Комисијата и додаде дека нивниот став е дека во овој прериод доколку се одржат изборите ќе треба да се почитуваат мерките за заштита од коронавирусот како што се носење маска и ракавици и одржување дистанца.

Според него, ако нема продолжување на вонредната состојба по 16 мај има различни толкувања за тајмингот на изборите, но тоа, како што вели, е прашање на правниците.

Претседателот на Демократската партија на Албанците Мендух Тачи вчера на прес-конференција рече дека избори треба да има во јуни, потенцирајќи дека изборите се важни за да заздрави економијата во наредниот период.

– Мислам дека после празникот Бајрам (н.з 24 мај) по 21, 22 дена да имаме избори. Многу е важно да има избори затоа што покрај оваа битка со вирусот ни претстои уште една голема битка, битка за економско опоравување на нашиот народ, смета Тачи.

За доброто на граѓаните најдобро е изборите да се одржат на крајот на јули или на почетокот на април. Со ваков став Алијансата за Албанците ќе настапи на денешната лидерска средба кај претседателот Стево Пендаровски, изјави синоќа генералниот секретар на партијата и градоначалник на општина Гостивар, Арбен Таравари.

Различни размислувања на сегашни и поранешни членови на ДИК

Членовите и администрацијата на Државната изборна комисија, која треба да ги организира и да ги спроведе изборите, се во очекување на исходот од денешната средба кај претседателот Пендаровски.

Дејствијата за предвремените парламентарни избори беа прекинати со заклучок на ДИК на 22 март годинава, откако ден претходно Владата донесе Уредба со законска сила за одложување на изборите. Во истиот заклучок е наведено дека сите изборни дејствија преземени дотогаш (22 март) се сметаат за важечки. Исто така се посочува дека сите преостанати дејствија од Изборниот законик ќе бидат предвидени во ревидиран роковник, што ДИК ќе го донесе по укинувањето на вонредната состојба и донесувањето на нова уредба на Владата за изборниот процес. ДИК ја обезбедува и ја чува постојната изборна документација до продолжување на спроведување на изборните десјтвија и изборите.

До овој датум беа потврдени кандидатските листи на партиите, беше извршена жрепка за редоследот на избирачкото ливче, но Избирачкиот список ДИК не го заклучи. Исто така поминаа и роковите за други дејствија. ДИК мораше и да ги замени членовите на изборните органи од здравствените институции поради ширењето на ковид-19.

По речиси месец и половина поради актуелната состојба со ковид-19 и мерките за спречување на ширењето на вирусот, сегашни и поранешни членови на ДИК излегоа со различни ставови дали и како да продолжи изборниот процес и кога да се одржат парламентарните избори, особено поради неможноста за повторно состанување и одлучување на пратениците односно Собранието, кое се самораспушти на 16 февруари.

Актуелниот претседател на ДИК Оливер Деркоски, делегиран од ВМРО-ДПМНЕ, смета дека изборниот процес треба да се организира од почеток, со повторно распишување на изборите, за да не може никој да го оспори нивниот легитимитет, додека, пак, неговиот колега Борис Кондарко предложен од СДСМ, смета дека изборните рокови треба да продолжат таму каде што биле прекинати поради прогласената вонредна состојба.

Ист став застапуваат и претседателот на Собранието Талат Џафери и поранешниот претседател на ДИК Александар Новаковски, според кои, веднаш по прекинувањето на вонредната состојба, треба да продолжат активностите за организација на изборите таму каде што застанале, а партиските лидери, по препораката на здравствените власти, да го договорат терминот за нивно одржување.

Би можело да ве интересира

Апасиев нема да оди на лидерска: Ден на жалост заради двојното убиство, не средба за датум за избори

А1он

(ВИДЕО) Рокот за договор помеѓу Владата и ВМРО-ДПМНЕ е до првото гласање за отворање на Уставот

A1on

Започна лидерската средба помеѓу Ковачевски и Мицкоски

Ана Ололовска

Средба на Ковачевски и Мицкоски за уставните измени

Ана Ололовска

Следната недела средба меѓу Ковачевски и Мицкоски

Ана Ололовска

Мицкоски за евентуална лидерска: Премиерот да биде свесен за времето, непоминувањето на измените, ќе значи пад на владата

Ана Ололовска