Средба на лидерите на четирите најголеми партии од Македонија за излез од кризата, во петок во Виена планира меѓународната заедница, потврдуваат од Делегацијата на ЕУ во Скопје.
Поканата до четворицата лидери на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, на СДСМ Зоран Заев, на ДУИ Али Ахмети и на ДПА Мендух Тачи, формално ја упатиле тројцата европратеници вклучени во постигнувањето и спроведувањето на договорот од Пржино, Иво Вајгл, Едуард Кукан и Ричард Ховит.
На средбата во Виена е предвидено да присуствуваат и комесарот на ЕУ за преговори за проширување Јоханес Хан и амбасадорите на ЕУ и на САД во Македонија, Аиво Орав и Џес Бејли.
Еврокомесарот Хан во саботата за време на посета во САД изрази загриженост за ситуацијата во Македонија и упати апел до партиите потписнички на договорот од Пржино да се вратат на преговарачка маса и на патот кон евроинтеграциите. Тој за таа цел најави уште еден обид за посредување заедно со членовите на Европарламентот. Хан најави и деа во вакви услови нема да биде признаена власта избрана на избори на 5 јуни.