Бигорскиот манастир „Св. Јован Крстител“ и неговиот метох „Св. Георгиј Победоносец“ во дебарското село Рајчица и годинава организираат летни кампови по веронаука. Ќе бидат организирани седум летни кампови во траење од по пет дена, на кои ќе учествуваат деца од повеќе градови од нашата држава.
– Раководен од христовата заповед „Оставете ги децата и не пречете им да доаѓаат при Мене, зашто на такви е царството небесно“ која истовремено е и завештание од нашите предци да им го предадеме најважното на најмладите, нашиот старец Партениј и ова лето посака и благослови децата да ги посетуваат нашите два обители – Бигорската и Раичката и да им овозможи малку поодблизу да го запознаат монашкиот богослужбен живот, основните вистини за православната вера, но пред се да ја почувствуваат неизмерната христова љубов и радост посеана во нивните души, изјави сестра Ефимија од манастирот во Рајчица.
Првиот летен камп се организираше минатиот месец, а вториот ќе почне денеска. Манастирски гости ќе бидат деца од Кичево и Прилеп.
На првиот летен камп учествуваа четириесетина деца од Ресен и Битола, кои освен можноста да се запознаат со основите на православната вера, на животот во манастир, учествуваа и во практичните манастирски задолженија.
Децата, како што рече сестра Ефимија, имале средба и со игуменот на Бигорскиот манастир, анхимандрит Партениј, кому му ги искажале своите впечатоци од нивниот престој во манастирите. Децата се заблагодариле за несебичната грижа и безусловна љубов со која ги примиле во манастирот.
– За старецот и за сите нас, најголема награда ни беа насмевнатите детски лица и радоста што зрачеше од нив, посочува сестра Ефимија.
Во рамки на летните кампови во двата манастира минатото лето престојуваа над 400 деца од повеќе градови од државава, меѓу нив и деца од Домот без родители „11 Октомври“ од Скопје.