Од вчера попладне врската меѓу аптеките и Фондот за здравство е во прекин. Аптекарите не можат да издаваат лекови кои се на товар на Фондот, па пациентите приватно си ги плаќаат и лековите кои се на позитивната листа.
Од Фондот за здравствено осигурување на Македонија потврдија дека има некаков прекин, но грешката не била кај нив.
„Прекината е врската и се работи на нејзино повторно воспоставување но не е кај нас туку во ’Мој термин’. Аптеките прво се поврзуваат со ’Мој термин’, а од таму со нас. Уште утрово се слушнав со колегите од ’Мој термин’, само кусо ми кажаа дека кај нив е проблемот“, вели Сашо Станчески, директор на секторот информатика во Фондот за здравство за „А1он“.
Директорката на Управата за електронско здравство Жаклина Чагароска за „А1он“ вели дека проблемот веќе го надминале и врската со аптеките повторно е воспоставена.
„Имаше прекин поради проблем со лекови издадени од лекар специјалист. Веќе е надминат. Добивме потврда од дел од аптеките дека имаат конекција“, рече директорката Чогоровска.
На проблеми со системот синоќа се пожалија и матичните лекари кои не можат да креираат упат за тестирање за Ковид – 19. Соочени со најголем досега притисок од пациенти кои бараат термини за тестирање, матичните велат дека синоќа во системот го снемало алгоритмот за закажување тестирарања. Директорката Чагароска објасни дека е сменет начинот на закажување тестирање за Ковид – 19 од кој е избришан задолжителниот прашалник па сега без пополнување на прашалникот се закажува тестирањето. За измените вели дека ги известиле матичните лекари.