За само 17 дена издадени рекордни 60.000 рецепти за „сумамед“ и „панцеф“

Од:

Рекордни 60.000 пакувања антибиотици азитромицин од 500мг и 13000 цефиксим, кај нас познати како „сумамед“ и „панцеф“, биле издадени за само 17 дена, говорат податоците на Фондот за здравствено осигурување. До овие податоци дојде д-р Никола Пановски, професор по микробиологија и паразитологија и претседател на Комисијата за контрола на антимикробната резистенција при Министерството за здравство, а по повод Европскиот ден за рационална примена на антибиотици и Светската недела за контрола на антимикробната резистенција.

Податоците говорат дека месецов, кога има по околу 1.000 новозаразени од коронавирусот за 24 часа, во аптеките дневно се издавале над 3.520 пакувања од овие антибиотици.

Во овие бројки не влегуваат пакувањата за кои се издадени приватни рецепти, кои не се на товар на Фондот.

Проекцијата на ФЗО е дека оваа година ќе се реализираат 200.000 рецепти азитромицин и 60.000 рецепти цефиксим повеќе од 2019 година.

За седумнаесет дена пропишани антибиотици колку лани за 4 месеци

Двата антибиотика, за време на пандемијата, лекарите ги даваат на заболените од Ковид – 19. Од први до седумнаесетти ноември, според податоците од ФЗО, од аптеките во земјава со рецепт биле подигнати 44.500 пакувања „сумамед“ од 500 милиграми и 15.500 пакувања „панцеф“ од 400 милиграми. Олкава количина „сумамед“ и „панцеф“ лани се трошела во просек за околу четири месеци.

Висока е бројката на издадени вакви антибиотици и во октомври годинава. Лекарите издале 42.000 рецепти за „сумамед“ или некоја негова замена и 13.000 рецепти за „панцеф“ , а вкупната бројка на вакви лекови издадени од почетокот на годинава до крајот на септември пак е околу 70.000 пакувања „сумамед“ и 10.000 пакувања „панцеф“ повеќе отколку во 2019 година.

Пановски претпоставува дека овие лекови ги земале и здрави луѓе кои биле позитивни на Ковид – 19, здрави луѓе кои биле негативни на вирусот, а билe препишувани и на здрави лица со лажна дијагноза за да го чуваат во резерва. Пановски предупредува на последиците од земањето на овие два антибиотика.

„Со комбинирана и долготрајна употреба на азитромицин и цефиксим кај болните од Ковид 19, кои се на домашно лекување, значително се уништува нивниот микробиом, а со тоа и неговата огромна одбранбена улога. Така, пациентите кои вака „подготвени“, евентуално би продолжиле на интензивна нега заради влошена состојба, се лесна цел на мултирезистентните бактерии, кои можат да предизвикаат тешка пневмонија и сепса, отпорна на скоро сите познати антибиотици. Ги нема добрите бактерии да ги заштитат“, предупредува Пановски и додава:

„Економската штета е најмалку 1 милион евра, пари на граѓаните, било од ФЗО било од сопствениот џеб. Глобален проблем е ширење на резистенцијата на бактериите и тешкотии во лекување на болестите каде тие се неопходни“.

Апостолов: Лекот е лек, но лекот е и смрт доколку не се користи правилно

Сè погласни се критиките во однос на употребата на антибиотиците и од страна на останатите здравствени работници. Ивица Апостолов, вработен во ЈЗУ Универзитетски институт за клиничка биохемија Скопје и претседател на Здружение на медицински лаборанти при Клинички центар Скопје, денеска на социјалните мрежи ја сподели својата борба со Ковид-19, со посебно предупредување за употребата на антибиотици.

„Сакам да напоменам без оглед дали сте здравствен работник или не, сами никако да не се лекувате, да не пиете превентивно или самоиницијативно антибиотици иако сте позитивни на вирусот, антибиотиците азитромицин и панцеф кои “под-дефолт” ги земате не се витамини, а ниту пак се лекови за превенција од коронавирусот, доколку нема индикација за да се пијат истите вие не треба да ги пиете на почеток на болеста, затоа што во вториот стадиум на болеста доколку развиете компликации, ќе немате можност со што да се лекувате против бактериските инфекции кои можат да ви се накалемат и да не сте на болничко лекување во КОВИД центрите.

Примената на антибиотиците мора да биде во консултација со лекар кој мора задолжително да ве прегледа (без оглед дали ви е матичен или не) и за тоа морате да имате сериозни индикации за да ги примените, а кои претходно мора да ги докажете со лабораториски преглед и наод на РТГ.

Лекот е лек, но лекот е и смрт доколку го користите неправилно, запаметете го ова, а над 80% од компликациите кај оваа болест настануваат баш поради ова, поради ненавремено или предвремено делување со антибиотици!“, напиша тој.

И министерот за здравство Венко Филипче во март годинава имаше сличен апел откако во аптеките нагло скокна побарувачката на овој антибиотик, што пак се случи откако Инфективната клиника извести дека пациентите заболени од Ковид – 19 се ставени на терапија со „сумамед“.

Би можело да ве интересира

Грип, ковид и инфекции на дишните патишта ги полнат амбулантите и болниците

Фотографии од доктори се користат за лажни реклами: Лекарска комора бара итна реакција од МВР и Обвинителство

Орце Костов

Ковид-19 од денес е обична заразна болест, укинати и последните мерки за носење маски

Орце Костов

Пендаровски го потпиша Указот за новиот Закон за амнестија за прекршоците во ковид кризата

Катерина Ѓуровски

Три години откако СЗО прогласи пандемија од Ковид-19, вирусот се уште присутен, но со намален интензитет

Ана Ололовска

Недостаток на антибиотици во Европа