Лажните вести – главна тема на вториот Истражувачки филмски фестивал Скопје

Од:

Вториот Истражувачки филмски фестивал Скопје (ИФФС) организиран од Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА) ќе се одржува од 25 до 27 октомври во „Кино Култура“. Фестивалот ќе ја разгледува вечната борба за превласт меѓу вистината и лагата, која кулминира во дигиталниот 21 век и водечка тема ќе биде „Вистината, лагите и лајковите“.

– Заедно со низа позитивни аспекти и безброј можности, онлајн-сферата донесе и феномени како лажните вести, отворено поле за политичка пропаганда, манипулации, спинови и уште полесно наметнување на разни агенди од центрите на моќ. Борбата за јавниот интерес и потрагата по вистината како главна мисија на новинарството, стануваат сѐ потешки, наведуваат од ПИНА.

Најавени се новинари истражувачи од BuzzFeed News, Google, La Republicca, Welt, Lupiga кои ќе ги споделат своите искуства и филмови. На првиот фестивалски ден ќе биде прикажан истражувачкиот документарец на британската телевизија „Channel 4, Inside Facebook: Secrets of the Social Network“ кој ќе овозможи редок увид зад кулисите на социјалната мрежа. На фестивалот ќе има и претставник на „Гугл“ од нивната програма Google News Lab, кој ќе ги претстави можностите што најновите дигитални алатки им ги нудат на современите новинари.

На ИФФС годинава ќе има и тројца истражувачки новинари од Германија – Анете Довидајт од „Welt“, Фолкер Штајнхоф од најстариот истражувачки ТВ-магазин „Panorama“ и Оливер Шром – главен уредник на „CORRECT!V“. Од Италија ќе дојдат истражувачкиот новинар Карло Бонини од „Ла Република“ и Мат Сарнецки, продуцент од „The Organized Crime and Corruption Reporting Project (OCCRP)“ кои ќе ги претстават документарните филмови „Дафне“ – за убиството на новинарката од Малта, Дафне Каруана Галиција и „Убивајќи го Павел“ – посветен на проблематичната полициска истрага за убиството на белорускиот новинар Павел Шеремет.

На ИФФС ќе биде претставена и успешната приказна на хрватскиот портал Lupiga, каде новинарите Ивор Цар и Ладислав Томичиќ ќе говорат за успехот на нивната crowdfunding кампања, во која успеаја да соберат повеќе од 42.000 долари од своите читатели како финансиска поддршка за понатамошно независно функционирање на нивниот медиум.

Вториот фестивалски ден е македонски и посветен на медиумите и предизвиците во новинарството во Македонија. – Ќе ги разгледаме и задачите што им претстојат на новите генерации истражувачки новинари кај нас и ќе поразговараме со помлади, но и поискусни познати новинари од Македонија, кои секојдневно работат на доближување на вистината до граѓаните, наведува ПИНА.

Покрај документарците на СКУП и „Кадар“, ќе бидат прикажани „Fake News Fairytale“ на лондонската режисерка Кејт Стоунхил. Од успешната домашна приказна за кратки видеа „Види вака“, пак, ќе раскажат како во една минута да се освои публиката на социјалните мрежи.

Партнер на ПИНА во организација на фестивалот е канцеларијата на „Фридрих Еберт“-Скопје. Влезот за сите настани ќе биде бесплатен. Детали за програмата на фестивалот се објавени на веб-страниците www.pina.mk и www.iffs.mk.

Би можело да ве интересира

Над 600 новинари во 59 земји од светот починаа од Ковид-19

Жарко Настоски

ССНМ: Недозволиво е пратениците да етикетираат новинари

Ана Ололовска

ЗНМ: Со јавното етикетирање медиуми и новинари, пратениците и политичките претставници промовираат обид за цензура

Ана Ололовска

Годинава во светот убиени двојно повеќе новинари во знак на одмазда

Жарко Настоски

ЦПЈ: Рекорден број новинари годинава биле во затвор

Жарко Настоски

ИФЈ: Во 2020 година убиени 42 новинари и медиумски работници

Ана Ололовска