Формиран Национален комитет за заштита и безбедност на новинарите, МВР воспостави национална и локални контакт-точки

Од:

Со конституирањето на Националниот комитет за заштита и безбедност на новинарите и воспоставувањето национална и локални контакт-точки во Министерството за внатрешни работи, државата прави значаен чекор кон зајакнување на институционалните механизми за заштита на новинарите и медиумските работници, истакна министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на првиот состанок на Комитетот.

Тој посочи дека формирањето на телото произлегува од определбата на Владата за системско унапредување на медиумските слободи и безбедноста на новинарите, согласно препораките на Советот на Европа за заштита на новинарството и медиумските работници.

-Слободното и безбедното новинарство не е привилегија на новинарите, туку право и потреба на секое демократско општество. Новинарите се тие што поставуваат прашања во име на јавноста, откриваат неправилности и бараат одговорност – истакна Тошковски и нагласи дека напад врз новинар поради неговата професионална работа не претставува само напад врз поединец, туку и врз правото на јавноста да биде информирана.

Според Тошковски, МВР во изминатиот период работело на јакнење на соработката со новинарските здруженија преку заеднички активности и обуки, како и на унапредување на капацитетите на полициските службеници за постапување во случаи на закани, притисоци и напади врз новинари.

Тој информира дека покрај националната фокална точка, воспоставени се и локални контакт-точки во сите сектори за внатрешни работи, како и посебна контакт-точка во областа на сајбер-безбедноста за побрза комуникација и реакција при онлајн закани и вознемирување.

Во обраќањето, Тошковски потенцираше дека заштитата на новинарите не може да биде одговорност на една институција, туку бара постојана координација меѓу полицијата, обвинителството, судството, новинарските организации и другите надлежни субјекти. Министерот порача дека МВР ќе остане активен партнер во унапредувањето на безбедноста на новинарската професија и медиумските слободи.

Во име на Јавното обвинителство се обрати и раководителката на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Искра Хаџи Василева, која оцени дека формирањето на Националниот комитет претставува уште еден важен чекор во унапредувањето на заштитата на новинарите и слободата на изразување.

Таа потсети дека во 2022 година била назначена како прв јавен обвинител задолжен за следење на предметите поврзани со безбедноста на новинарите, нагласувајќи дека тогаш, во соработка со новинарските здруженија, бил направен значаен исчекор во воспоставувањето механизми за евидентирање и следење на ваквите случаи согласно европските стандарди.

– Правото на јавноста да биде навремено и точно информирана никој не смее да го загрозува, а оние што ќе се обидат тоа да го сторат мора да бидат идентификувани и санкционирани – истакна Хаџи Василева.

Според неа, измените на Кривичниот законик, со кои нападите врз новинари и медиумски работници се изедначени со нападите врз службени лица, во повеќе случаи овозможиле поефикасен кривичен прогон на сторителите.

Хаџи Василева предупреди дека и натаму загрижуваат онлајн заканите и заплашувањето, особено кон жените новинарки, оценувајќи дека токму затоа е важно активно учество на новинарските организации во работата на Комитетот.

Таа порача дека институционалната заштита мора да биде достапна за сите новинари и медиумски работници без селективност и дека само преку координирана работа и доследна примена на мерките може да се обезбеди средина во која новинарите ќе работат слободно и без страв

Раководителката на кампањата на Советот на Европа „Новинар(к)ите се важни“, Родика Чокина, го поздрави формирањето на Националниот комитет за заштита и безбедност на новинарите, оценувајќи дека станува збор за значаен чекор во претворањето на европските стандарди во конкретни национални механизми за заштита.

Таа истакна дека безбедноста на новинарите не е само прашање на една професионална група, туку прашање на демократијата, јавната доверба и владеењето на правото.

-Заканата кон новинар не е закана само кон едно лице. Таа може да ги обесхрабри и другите новинари да истражуваат, да поставуваат тешки прашања и да известуваат за чувствителни теми. Кога новинарите се плашат да известуваат, јавноста го губи правото да биде информирана – нагласи Чокина.

Според неа, вистинскиот успех на Комитетот нема да се мери според бројот на состаноците, туку според тоа дали новинарите ќе знаат кому да се обратат кога ќе се соочат со закани, дали ќе добијат навремен институционален одговор и дали ќе имаат доверба дека нивните случаи нема да бидат игнорирани.

Чокина потсети дека Северна Македонија веќе направила важни чекори во оваа област, вклучително и измените на Кривичниот законик во 2023 година и зајакнатата соработка меѓу институциите и новинарските организации, додавајќи дека Советот на Европа ќе продолжи да ја поддржува земјата во креирањето побезбедна средина за работа на медиумските професионалци.

Во обраќањето на конститутивната седница на Комитетот, раководителот на Програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје, Олег Солдатов, оцени дека формирањето на Националниот комитет е чекор кон создавање побезбедна и поповолна средина за работа на новинарите во земјата.

Тој истакна дека безбедноста и сигурноста на новинарите се основен предуслов за функционирањето на демократијата и потсети дека новинарите мора да можат слободно да ја вршат својата работа без страв од закани и напади, без разлика дали тие доаѓаат од физичкиот или од дигиталниот простор.

Тој ја поздрави подготвеноста на институциите да работат на Акцискиот план за заштита на новинарите за периодот 2027-2030 година, нагласувајќи дека успешноста на новоформираниот комитет ќе се мери според конкретните резултати, подобрената институционална координација и реалното подобрување на условите во кои работат новинарите.

Солдатов изрази благодарност до Министерството за внатрешни работи, Јавното обвинителство, Делегацијата на Европската Унија, новинарските здруженија и граѓанскиот сектор за придонесот во воспоставувањето на механизмот, оценувајќи дека Комитетот има потенцијал да прерасне во ефикасна платформа за справување со сегашните и идните закани со кои се соочуваат новинарите.

Би можело да ве интересира

ЗНМ и ССНМ реагираат: Попречувана новинарка на Телма при известување за инцидентот во Битола

(ВИДЕО) Протести на турските новинари против властите

Владата ќе формира Национален комитет за заштита и безбедност на новинарите

Светски ден на слободата на медиумите: Слободните медиуми се столб на демократијата

ССНМ и „Еднаква“: Новинарките сепак известуваат, не можете да ги замолчите

Горан Наумовски

Рекорден број на убиени новинари во 2025 година, Израел е одговорен за две третини од убиствата