Фотографии од битолската зоолошка градина на која се гледаат кучиња затворени во кафези, а веднаш до нив мрши и коски од умрени животи, достави денеска здруежението за заштита на животни „Анима мунди“. Од здружението велат дека зоолошката градина во еден од најубавите градови во државата наликува на „зомбиленд“.
– Како во некој „зомбиленд“, во тесни кафези и коски од огромно заклано животно. Ова е третманот на најдобриот човеков пријател во општина Битола. И, ни помалку, ни повеќе, кучињата се сместени во зоолошка градина, меѓу диви животни – велат од здружението.
Но, на овие обвинувања не реагираат од зоолошката градина во Битола и од шинтерската служба во надлежност на јавното претпријатие „Комуналец“. Од претпријатието велат дека нивната цел ги оправдува средствата и дека третманот на кучињата-бездомници во Битола е крајно коректен. Според нив, згрижувањето на кучињата треба да се гледа од позитивен аспект.
Од ЈП „Комуналец“ велат дека нивната цел ги оправдува средствата и дека третманот на кучињата-бедомници во Битола е крајно коректен
– Кучињата се чуваат во кафези, за нив има секој ден луѓе кои се грижат. Досега сме вдомиле 500 кучиња, бројка која не е за потценување. Првата година кога се направија кафезите, вдомивме 90 кучиња и тој тренд не е запрен. Значи нашата цел е оправдана. Во моментов има неколку кучиња во кафезите и за сите нив се грижиме најдобро што се може – вели Бранко Тасевски, oд шинтерската служба во ЈП „Комуналец“.
Директорот на зоолошката градина во Битола, Ѓоко Дамевски, негира дека покрај кафезите на кучињата има расфрлано мрши од други животни. Тој тврди дека мршите и коските од животните кои се третираат како исхрана за станарите на зоолошката градина, уредно се складираат и се депонираат на секои два дена, така што „нема простор за паника“.
Во реакцијата на „Анима мунди“ пишува дека пред еден месец здружението побарало информации од јавен карактер од ЈП „Комуналец Битола“ за тоа која е официјалната програма по која работат, кој ја спроведува, колку кучиња се убиени и увид во документите. Но, наместо одговор, од здружението велат дека добиле известување во кое се вели дека кучињата ги лови шинтерска служба, дека ветеринари допрва ќе се избираат, дека кучињата хумано се сместени, чувани, дека се вдомунаваат и не се убиваат.
Третманот за бездомните животни во согласност со Законот за заштита и благосостојба на животните и со други правни акти е надлежност на општините и на градоначалникот.
Извор: Мета