Кривичниот совет го одби барањето на Специјалното јавно обвинителство за одземање на пасошот на министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска.
„Кривичниот совет при Основниот суд Скопје 1 – Скопје, постапувајќи по жалба на Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите (СЈО) изјавена против решение на судија на претходна постапка од 28.11.2016 година во предметот на СЈО познат како „Тендери“, донесе решение со кое жалбата на обвинителството се одбива, а се потврдува решението на судија на претходна постапка. Со решението од 28.11.2016 година судијата на претходна постапка го одби предлогот на СЈО за определување мерки за претпазливост против две лица“, стои во соопштението на судот.
Канческа-Милевска е првоосомничена во предметот „Тендери“ кој се однесува на изведување градежни работи на Музејот на ВМРО.
СЈО обвини дека министерството го наместило тендерот за доградба на Музејот во полза на АД „Бетон Штип“. Со тоа осомничените го оштетиле буџетот за еден милион евра.