Кривичниот совет на Одделението за организиран криминал и корупција ја комплетира потребната документација поврзана со постапката за екстрадиција на Горан Грујевски и Никола Бошкоски и ја достави до Министерството за правда на Република Македонија на понатамошно постапување, соопшти Кривичниот суд.
– Постапувајќи по барање на Министерството за правда на Република Македонија, доставено до Основниот суд Скопје 1 – Скопје, преку Апелациониот суд – Скопје, поврзано со постапката за екстрадиција, Кривичниот совет на одделението за организиран криминал и корупција ја комплетира потребната документација и ја достави до Министерството за правда на понатамошно постапување, соопшти денеска Основниот суд Скопје 1.
Грујевски и Бошкоски, како што претходно објави МИА, се во екстрадициски притвор во Солун. Тие два пати беа изведени пред Судот во Солун поради поседување лажни патни исправи, но судењето беше одложено за 1 декември поради немање преведувач од грчки на македонски јазик.
Грујевски и Бошкоски се обвинети од Специјалното јавно обвинителство за нелегално прислушување и за уништување на системите за прислушување, случаи познати како „Тврдина“, „Таргет“ и „Тврдина 2“.
Двајцата беа уаспени од грчката полиција на аеродромот во Солун на 18 октомври, при обид со лажни бугарски пасоши да заминат со авион за Будимпешта.