Директорот на истражниот затвор во Шуто Оризари, Ѓоко Котевски, ќе го послуша премиерот кој од него побара оставка по вчерашниот инцидент во кој беа нападнати ексминистрите Миле Јанакиески и Спире Ристовски. Оставката најави дека ќе ја поднесе во понеделник до кога очекува да заврши и внатрешната истрага за одговорноста на лицата вработени во затворот.
„Зборот на премиерот е последен збор. Ако е прв меѓу еднаквите, треба да се почитува неговиот збор. Јас дополнително ќе разговарам со премиерот бидејќи би сакал ако може да имам простор да ја завршам истрагата и со комплетен извештај да истапам и пред Управата за извршување санкции, пред Министерството за правда и министерката Рената Дескоска и пред премиерот. Ќе ја почитувам одлуката во однос на побараната оставка. Барам само да ја завршам истрагата“, изјави за „Макфакс“ директорот Котевски.
Тој тврди дека со внатрешната истрага утврдиле нови детали кои ќе ги соопшти откако ќе заврши истрагата. Смета дека се работи за монтиран случај.
Ексминистрите Јанакиески и Ристовски се под постојан надзор, а сместени се во хашкиот оддел во затворот.
Маја Илиевска-Пачемска