Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов реагираше на нападите упатени кон него од одредени невладини организации, поради поддршката што ја дава за трибините и јавната дебата поврзани со законите за родова еднаквост и за матична евиденција, организирани од Фондацијата „Елеуса“ при Струмичката епархија на МПЦ-ОА.
Градоначалникот на општина Струмица Костадин Костадинов најави ништовност на сите меморандуми кои општина Струмица ги има потпишано со невладините кои ги застапуваат правата на ЛГБТ+ заедниците откако тој се најде на мета на социјалните мрежи поради фотографиите од Струмица на кои се гледа „пречкртано виножито“.
– Од денеска како градоначалник, со целото мое законско право, ставам ништовност на секој меморандум на таквите невладини организации и вето доколку каков било допис стигне до општината од нивна страна, оцени Костадинов во реакцијата објавена на неговиот Фејсбук профил.
Во објавата тој наведува дека не ја разбира потребата на одредени невладини организации да се занимаваат со неговото човеково право на верување во Бога и не разбира зошто истото им пречи.
– Јас сум човек кој има разбирање за сите, но со сигурност не и за нив. Иако без ниту еден кажан збор, сум мета на одредени индивидуи, јас сум човек растен во духот на Христијанството и ќе простам.
По неколку пати толеранција доведен сум до степен да си ја заштитам мојата Струмица, моите струмичанки и струмичани.
Побарав извинување за навредените богољубиви граѓанки и граѓани на Струмица и не го добивме, денеска повторно по Фејсбук статуси, по коментари сме навредувани, омаловажувани како луѓе и тоа нема да помине, стои во објавата на Костадинов.
Тој додава дека кога е Струмица во прашање нема компромиси, дека се работи, како што вели, „за нашите деца, нашите внуци, станува збор за сите нас“.
На крајот Костадинов порачува дека еднаквите можности помеѓу жените и мажите во Струмица се посилни од кога било.
Активистката Ирена Цветковиќ го прозва Костадинов дека тој бил „ороводец на хајката“ со налепниците.
– Овие налепници денес ја преплавија Струмица. Со ова Струмица од една прогресивна општина, општина која уживаше имиџ на слободатска зона во времињата на режимот, сега се претвори во нео-фашистичка паланка чија исклучувачка и хејтерка идеологија не може да донесе никому ништо добро, напиша Цветковиќ.