Координативното тело донесе неколку мерки во врска со најавите за нов снежен бран кој се очекува да ја зафати територијата на Република Македонија во текот на утрешниот ден и понеделник. Мерките се донесени на состанокот што денеска се одржа во Министерството за транспорт и врски.
На состанокот е договорено доколку врнежите бидат со голем интензитет Министерството за внатрешни работи да донесе забрана за движење на тешки товарни возила и автобуси на патните првци, особено на потегот од Гостивар кон Охрид и обратно. Исто така се препорачува задолжително носење зимска опрема, а екипите на МВР ќе ги засилат контролите на тој патен правец во врска со носењето задолжителната опрема и нема да се пропуштаат возила кои нема да носат зимска опрема.
Координативното тело апелира до сите граѓани кои патуваат на патниот правец Скопје–Охрид–Скопје, тоа да го сторат најдоцна утре до попладневните часови поради безбедност во сообраќајот.
До градоначаниците во западниот дел од Македонија се апелира да ја подигнат мобилизацијата на највисоко ниво, редовно да оддржуваат состаноци и да се координираат во врска со акциите што треба да ги преземат за редовно чистење на патиштата кои се во нивна надлежност. На состанокот е договорено, доколку имаат потреба од дополнителна механизација редовно да се обраќаат до Дирекцијата за заштита и спасување која им стои на располагање.
На Координативното тело е потенцирано дека сите граѓани кои сметат дека постои опасност по здравјето и животот да се јават на бесплатниот број 195 на Центарот за управување со кризи (ЦУК) кој е достапен 24 часа. Исто така, сите возачи доколку имаат проблеми на патот да се јавуваат на бесплатниот број 196 на АМСМ кој е достапе,н исто така, 24 часа.
Според прогнозата на УХМР се очекува интензивни врнежи од снег посебно во делот на Западна Македонија во текот на ноќта во недела па се до понеделник попладне.