Македонските граѓани сметаат дека на веб-страниците на општините треба да бидат објавени податоци за финансии, совет, услуги, локален економски развој, социјална заштита, образование, животна средина, комунални дејности, урбанизам, спорт, градинки и домови за стари лица.
Ова беше истакнато на денешната конференција „Стандарди за е-транспарентност и е-отчетност на локално ниво“, што се реализира во рамки на проектот „Граѓанинот на прво место“, имплементиран од Центарот за управување со промени и Центарот за одржлив развој „Алка“. Проектот е финансиран од ЕУ, а кофинасиран од Британската амбасада. Соработници во проектот се министерствата за локална самоуправа и за информатичко општество и администрација.
Неда Малеска Сачмароска, извршна директорка на Центарот за управување со промени во соработка со Центарот за одржлив развој „Алка“ информира дека изминатиот период работеле на подготовка на стандарди за отвореност и транспарентност на локално ниво, како предлог до институциите.
– Стандардите се темелат на едно обемно истражување направено на територијата на Република Македонија, на репрезенативен примерок на кое се обидовме да утврдиме што е она што граѓаните би сакале да го чујат од локалната власт, односно кои податоци и информации сакаат да ги видат објавени на веб-страниците на локалните самоуправи, рече Малеска Сачмароска.
Таа соопшти дека идентификувале 11 области. Во областа на животната средина, како што рече, граѓаните најмногу би сакале да знаат кои се депониите во нивната територија, би сакале да се информираат за загадувањето… Во делот на општите работи граѓаните би сакале да знаат кои се советниците во нивната општина, нивните контакти, адреси, нивниот лик. Во делот на буџетот би сакале да знаат како се распределуваат средствата, на кој начин и кои се приоритетите на општината во одредени сектори на делување …
– Сите овие податоци и информации во иднина планираме да ги ставиме во протоколи за стандарди, кои заедно со министерствата за локална самоуправа и за инфорамтичко општество и администрација, планираме да иницираме стандардизација на процесите во која сите општини, на единстевен и унифициран начин, би ги објавувале ваквите податоци, рече Малеска Сачмароска.
Министерката за локална самоуправа Ширет Елези информира дека граѓаните релативно се задоволни од локалните услуги, но, како што рече, и покрај позитивната законска рамка, нивото на задоволство не е доволно во однос на прашањата повразни со демократското учество.
– За нас како Министерство овој податок беше значајна информација на која одговоривме во нашата програма за локален развој и децентрализација за периодот од 2015-2020, рече Елези. Констатира дека по повеќе од една деценија практикување на децентрализирано управување, општините во Македонија имаат широк спектар на надлежности, но и големи одговорнсоти кон своите граѓани. Таа ги наведе управувањето со основните и средни училишта, градинки, со локалните установи од областа на културата, со комуналните дејности…
Министерката за информатичко општество и администрација Марта Арсовска Томовска потсети дека од 2012 година досега, во консултации со владиниот, граѓанскиот и приватниот сектор, со академските институции подготвиле три акциски планови-2012-2014, 2014-2016 и 2016-2018. Таа напомена дека во создавањето на третиот акциски план биле вклучени 489 претставници на сите институции, меѓу кои 54 невладини организации.
– Дополнително ние работиме заедно со Центарот за управување со промени и на подготовка на стандарди за отворени податоци. Тоа значи дека ќе се воспостави еден унифициран облик на податоци, кои ќе бидат побарувани од страна на локалните самоуправи да ги објавуваат континуирано, јавно и транспаретно, во отворен формат на своите веб страници за да можат граѓаните, врз основа на овие отворени податоци потоа да ги корисарат или за свои лични потреби или за градење апликации, софтверски или мобилни, рече Арсовска Томовска.
Британскиот амбасадор Чарлс Герет рече дека транспарентноста е клучна за било кое здраво општество и демократија и за секоја држава што сака да има здраво владеење на правото.
– Има две причини за тоа. Прво, кога информацијата е слободно достапна и има транспарентност во носењето одлуки, тогаш владините министри и локалните општини, како и сите јавни институции ќе носат подобри одлуки, бидејќи знаат дека се надгледувани и луѓето ги разбираат причините зад таквите одлуки. Второ, ако јавноста и гласачите имаат слободно достапни информации тие се способни сами да донесат поинформирана одлука за кого да гласаат на локални или национални избори. Затоа ја поддржуваме оваа иницијатива, рече Герет.