Националниот младински совет на Македонија (НМС) во соработка со Фондацијата Конрад Аденауер, денеска организира младинска конференција на тема „Младински политики и учество на младите во процеси на креирање на политиките“.
На тркалезната маса во рамки на конференцијата ќе се расправа на тема „Што се младински политики и што треба а регулираме“, а ќе говорат: Марјан Спасески – директор на Агенцијата за млади и спорт, Jоана Косма – Мисија на ОБСЕ во Скопје, Мбареса Истрефи Шаќири-Секретаријат за европски прашања при Владата на Република Македонија, проф. Д-р Тања Каракамишева, Ивана Давидовска – претседател на Национален младински совет, Елизабета Марковска Спасеноска – истражувач во полето на младински политики.
На конференцијата, како што е најавено, ќе бидат презентирани наодите од истражувањето спроведено од НМС за тековните младински политики и ставовите на младинските организации. Преку оваа конференција НМС цели да поттикне вклучување и консултација на младинските организации во формирање на документ со заклучоци и препораки за младински политики како и да поттикне вмрежување и соработка помеѓу младинските организации и институциите кои работат во младинскиот сектор.
На конференцијата претставниците на младинските организации и институциите ќе учествуваат на работилници за градење заклучоци за дефинирање на најважните фактори и чинители за младинските политики и дефинирање на визијата за идеални младински политики.
Конференцијата е дел од проектот „Евалуација на младинските политики – кон создавање на инклузивни и аргументирани младински политики” кој има за цел да развие документ со препораки за младинските политики. Пред издавање на финалниот документ е предвидена оваа национална младинска конференција, која е можност за директен придонес во создавање на крајните препораки и заклучоци.