Специјалното јавно обвинителство побара одлагање на „Пуч“ поради тоа што судот одбива да им ги даде електорнските докази. Воедно од обвинителството повторуваат дека соработката со институциите оди многу тешко, дури и се саботира работата на СЈО од одредени функционери, поради што ќе се бара ново измена на законот и ново кривично дело-попречување на правдата. И покрај опструкциите, обвинителството има веќе 15 предистражни постапки кои се однесуваат на финасирање на медиуми, јавни набавки, перење пари, злоупотреби на постапки кои се однесуваат на градежни работи.
– Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите ја известува јавноста дека побарано е одлагање на главната расправа за предметот Пуч, од причина што и покрај тоа што беше побарана од судот копија од сите докази кои се потребни за да може ова Јавно обвинителство да се впушти во главна расправа, сепак до денес Судот не постапил по ваквото наше барање. Појаснуваме дека првото наше барање кон Судот за достава на копии од списи и електронски докази е упатено на ден 21.12.2015 година и истото е прецизирано со барање од 09.02.2016 година. Барањето е поднесено во смисла на членот 81 од ЗКП, кој ја уредува меѓуинституционалната соработка. Судот и после две наши ургенции со кои е укажано на неопходноста од доставување на копии, дури на ден 29.02.2016 година донел Решение со кое го одбива нашето барање за доставување копии на списи и електронски докази. Ве известуваме дека ваквото решение е обжалено, од причина што сметаме дека наводите на Судот врз основа на кои е одбиено нашето барање во целост се неосновани. Појаснуваме на јавноста дека со цел да можеме да се впуштиме во главната расправа нужно е да поседуваме докази врз основа на кои ќе дадеме воведни говори и кои ќе можеме да ги предочиме на обвинетите лица. Начелата на акузаторност и легалитет на постапката налагаат јавниот обвинител да ги поседува доказите на кои се заснова обвинението. Поради тоа се добива впечаток дека Судот врши опструкција на работата на ова Јавно обвинителство, одолговлечувајќи ја кривичната постапка и оневозможувајќи на ова Јавно обвинителство да се впушти во главната расправа.
Освен со начинот на постапување во предметот Пуч, Основниот суд Скопје 1 Скопје, ја отежнува работата на ова Јавно обвинителство и во сите други предмети во кои сме побарале предметите да ни бидат доставени на увид, поради што Ве известуваме дека од наша страна до Судскиот совет на Република Македонија ќе бидат поднесени претставки за ваквото работење на Судот. На ваквата состојба и недостаток на соработка укажавме и на прес конференцијата, кога појаснивме дека соработката со институциите оди навистина тешко. Имено за соработка со ова Јавно обвинителство од страна на бројни институции се наметнуваат нови правила, се одбива да се постапи во роковите определени од јавниот обвинител и се изигурваат законските одредби кои пропишуваат обврска за соработка со јавното обвинителство при разоткривање на криминалот. Воедно определени јавни службеници и државни функционери, наместо да соработуваат со ова Јавно обвинителство и да ја почитуваат обврската за пријавување на кривични дела, се ставаат во функција да ја отежнат работата на ова Јавно обвинителство и да го прикријат криминалот.
Од институциите кои одбиваат соработка со ова Јавно обвинителство првенствено би ги споменале Агенцијата за катастар на недвижности, Управата за безбедност и контраразузнавање, односно Одделот за оперативно техничка поддршка (познат како петта управа), Единицата за заштита на сведоци при МВР, Општина Битола, одредени Министерства, а на оваа листа се надоврзуваат и Управниот суд, Основното јавно обвинителство Скопје и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
Сосем случајно од страна на Управниот суд до ова Јавно обвинителство, веројатно поради технички пропуст доставени се во целост списите на еден управен предмет кој бил побаран од страна на Јавното обвинителство на Република Македонија на увид. Оттука јасно се забележува дека кога се работи за барање за доставување предмети на увид упатено од страна на други обвинителства во Република Македонија, на ваквите барања во целост се удоволува, додека доколку од наша страна е упатено барање, Судот одбива да постапи по истото. Поради неконзистентната пракса на работењето на Управниот суд исто така ќе бидат поднесени претставки до Судскиот совет на Република Македонија.
Што се однесува до Основното јавно обвинителство Скопје и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција укажуваме дека и овие две обвинителства одбиваат да постапат по наши барања. Имено, на наши упатени барања за доставување на предмети на увид, Основното јавно обвинителство Скопје не известува дека увидот може да се изврши во нивните простории и без законски основ одбива да ни ги достави предметите на увид. Воедно јавноста веќе е запозната дека ние упативме барање до овие две обвинителства за доставување на предмети со цел да се произнесеме за надлежност врз таквите предмети. Иако членот 11 став 2 од Законот за јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите е јасен, сепак овие две обвинителства не ни ги доставија предметите. Појаснуваме дека Основното јавно обвинителство Скопје надвор од сите законски одредби предметите ги доставило до Советот за јавни обвинители, тврдејќи дека се работи за предмети кои не се поврзани ниту произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, додека Основното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција за дел од предметите кои се побарани воопшто не постапило по нашето барање и во рок од 8 дена ниту не известило, ниту предметите ги доставило до ова јавно обвинителство. Единствено сме известени дека Основното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, постапувајќи по барање на Советот на јавни обвинители, таму го доставило предметот „Маѓар Телеком“. Појаснуваме дека ниту една друга институција нема на увид со какви се разговори ние располагаме и во оваа насока единствено ние можеме да се произнесеме дали одредени предмети се поврзани или произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите. Во оваа насока законот е јасен и сите институции се должни да ги почитуваат обврските кои произлегуваат од законските одредби. Предвид наведеното ќе бидат поднесени претставки за работа на овие две обвинителства до Советот на јавни обвинители.
Имајќи ги предвид ваквите состојби и континуираните опструкции на работењето на ова Јавно обвинителство, од наша страна се предлагаат измени на Кривичниот законик и воведување на ново кривично дело – Попречување на правдата, кое ќе биде во главата на кривични дела против правосудството. Би сакале да и појасниме на јавноста дека согласно членот 9 ставот 9 од Законот за јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, сите тела за спроведување на закони, се обврзани да обезбедат помош по барање на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите согласно Законот за кривична постапка. Со оглед на фактот што ваквата законска обврска воопшто не се почитува, иако на истата постојано укажуваме во нашите барања и со таквото постапување се попречува правдата и спроведувањето на истрагите, сметавме дека е неопходен посериозен механизам за санкционирање, поради што и се предлага измената на Кривичниот законик.
Исто така продолжува трендот на интерпретирање на работата на ова Јавно обвинителство во насока на реализација на дневно политички цели, при што повторно укажуваме дека ова Јавно обвинителство е професионална и независна институција чиј единствен фокус е борбата против криминалот. Во оваа насока Ве известуваме дека во рамки на ова Јавно обвинителство започнати се нови 15 предистражни постапки кои се однесуваат на проверки во врска со финансирањето на медиумите, злоупотреби на постапки за јавни набавки, даночно затајување, перење пари, разни коруптивни дејствија и злоупотреби на службена положба и овластувања, финансиски истраги, злоупотреби на постапките кои се однесуваат на градежни работи итн.
Би сакале да укажаеме дека во тек и се другите предистражни постапки кои се водат во ова Јавно обвинителство. Од она што во овој момент може да го соопштиме е дека во рамки на една предистражна постапка, по издадена наредба од Судија, одземени се предмети кои можат да послужат како доказ во кривичната постапка и оваа предистражна постапка продолжува. Повеќе детали за предметите во работа ќе бидат соопштени на прес конференција, која очекуваме да биде закажана во наскоро време.