Автобус на ЈСП со број 65-б, кој сообраќа од село Брњарци кон Транспортен центар и обратно, бил каменуван вечерва во скопската населба Ченто. Неофицијално најпрво настанала тепачка помеѓу група средношколци.
Според информации од полицијата, приведени се 15-тина лица. Инцидентот се случил околу 19 и 30 часот, на улицата Алија Авдовиќ, поточно на последната автобуска постојка на автобусите со број 45 и 23 во Ченто.
„Денеска околу 19:35 часот од страна на возач во ЈСП било пријавено дека на улица Алија Авдовиќ дошло до нарушување на јавниот ред и мир помеѓу две групи. Едната група го каменувала автобусот со бр.65-б, кој сообраќал на релација Транспортен центар-Брњарци при што биле искршени четири стакла од вториот кат на автобусот“, велат од МВР.
Од страна на полициски службеници веднаш е излезено на местото на настанот и во полициска станица Гази Баба се приведени 15-тина лица од двете групи за целосно расчистување на случајот.