Камчев пред да го уапсат скрил предмети од сефот, како и мобилниот телефон

Од:

Врховните судии во кривичниот совет составен од Јово Вангеловски, Џемали Саити, Шпенд Деваја, Рахилка Стојковска и Африм Фидани, одлучија да ги прифатат жалбите на обвинетите Орце Камчев, Цветан Панделески и Ненад Јосифовиќ, против решението скопска Апелација и да им го укинат куќниот притвор со назнака „веднаш“, објави највисокиот суд на веб-страницата.

Во решението на судот, се образложува дека СЈО сметало дека се` уште постојат околностите за да им биде определен куќен притвор. СЈО побарало куќен притвор поради видот и тежината на кривичните дела за кои постои основано сомнение дека ги сторил обвинетиот, висината на предвидената казна и истрагата која се` уште е во тек. Наведено е дека Камчев е добро ситуиран. Покрај македонско поседува и бугрско државјанство и има живеалиште во Бугарија. СЈО образложило дека Камчев пренел парични средства преку плаќање фактури за фиктивни обврски, факт кој произлегува и од содржината на разговорите прибавена со примена на посебни истражни мерки.

„Обвинетиот и други правни лица под контрола на групата поседува и други правни лица во повеќе земји, како и повеќе офшор-компании преку кои се вршело перење пари. Во досегашниот тек на истрагата се сослушани голем број сведоци, но потребно е да се изврши распит уште на голем број сведоци со оглед дека е опфатен голем временски период“, пишува во образложението на СЈО.

Обвинителството навело дека бројот на сведоците и соучесниците се зголемува ако се има предвид дека првичната наредба за спроведување на истрага е проширена со наредба за спроведување истрага од 24.01.2019 година за уште едно кривично дело оштетување или повластување доверители.

Во извршувањето на дејствијата Кaмачев делувал заедно со осомничениот Срѓан Керим, кој веднаш по првиот распит ја напуштил Македонија и се` уште не е вратен, бидејќи има и хрватско државјанство, а во дејствијата учествувала и обвинетата Јана Станисављева.

„Околноста дека обвинетиот во текот на предистрагата пред да биде лишен од слобода по претходни добиени сознанија од Н.Ј. и С.М., дека во неговиот дом ќе се врши претрес, сокрил предмети кои биле во неговиот сеф и неговиот мобилен телефон, факт потврден и од сведокот З.М., што укажува дека доколку би бил пуштен да се брани од слобода ќе ја попречува кривичната постапка преку влијание врз сведоци и соучесници“, се наведува во образложението на СЈО.

Адвокатите на Камчев, пак, навеле дека сторена е повреда на одредбите од Законот за кривичната постапка и е постапено спротивно на начелото на акузаторност и официјалност, а се повикале и на начелното правно мислење на Врховниот суд. Во образложението на адвокатите е наведено дека Камчев е бизнисмен кој раководи со успешни компании во Република Северна Македонија со 3000 вработени лица, ужива углед на успешен човек, кој не се занимава со криминални дејствија.

Врховниот суд во решението за Камчев навел дека одредбата за СЈО во постојниот закон е јасна за спроведување на истражните дејствија: „Доколку не покрене обвинение во опредлениот рок, Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластеното следење на комуникациите, треба да нареди запирање на истражната постапка, не само од причини што би било нецелисходно за водење на истрага за предмет во кој органот што Ја води истрагата го пропуштил рокот за покренување обвинение, следствено на што не
може да покрене обвинение, туку и за тоа што се работи за императивен законски рок, кој не може да се продолжува по која било основа“.

Највисокиот суд одличил дека во дадениот рок од 18 месеци согласно членот 22 од Законот за СЈО, обвинителството има само две алтернативи: Да покрене обвинение, или да нареди запирање на истражната постапка. Врховниот суд се очекува од куќен притвор да го пушти и ексдиректорот на тајната полиција, Сашо Мијалков.

Според СЈО, лицата во „Империја“ се осомничени за злосторничко здружување, оштетување или повластување доверители, злоупотреба на службената положба и овластувањето, измама и перење пари и други приноси од казниво дело.

Со преземање истражни дејствија и со примена на посебни истражни мерки, обезбедени се доволно докази, од кои, според СЈО, произлегло основано сомнение дека во периодот од 2002 до 2013 година осомничените ги сториле кривичните дела што им се ставаат на товар лично и преку правни лица што биле или се во нивна сопственост.

Васко Маглешов

 

Би можело да ве интересира

Амбасадорот Рокас на претседателката Адеми ѝ го предаде Извештајот на ЕУ: Активностите на Врховниот суд се позитивно оценети

Катерина Ѓуровски

Врховен утврди начелен став дека државата е должна да обезбеди здрава животна средина, непреземањето дејствија е повреда на правата на граѓаните

Општите седници на Врховниот суд ќе бидат јавни

Врховниот суд го укина решението на Кривичен и го врати на повторно постапување предметот за екстрадицијата на Блерим Рамадани

Во Врховниот суд расправа дали државата е одговорна што македонските граѓани дишат загаден воздух

Предраг Петровиќ

Продолжува седницата за избор на претседател на Уставен суд

Катерина Ѓуровски