Пријавувачот на рекетот во истрагата „Рекет“, Орце Камчев, денеска бил на распит во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, потврдија од Обвинителството за „А1он“.
Камчев бил повикан да даде исказ како сведок во истрагата. Обвинителството не соопштува дополнителни детали за сведочењето на бизнисменот Камчев осомничен во предметот „Империја“ на СЈО, но истрагата и натаму продолжува.
Во оваа истрага, во притвор се Бојан Јовановски, Зоран Милевски Кичеец и специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева.
Прво и второосомничениот се товарат за примање награда за противзаконито влијание и едниот од нив за перење пари, а Јанева е осомничена за злоупотреба на службената положба и овластување.
Од ноември 2018 до април 2019 година Јовановски го искористил влијанието врз Катица Јанева, преку претходно воспоставени пријателски односи, и со тоа влијаел да се изврши службено дејствие што не би смеело да се изврши.
Јовановски влијаел да му се олесни положбата на Орце Камчев и да му биде укината мерката притвор и да му се определи поблага мерка, куќен притвор, да му се даде својство на заштитен сведок и со наредба да се запре истражната постапка или да се склучи со него предлог-спогодба за вина за полесни кривични дела и да плати незначителен износ на штета и да му се укине мерката за одземање на пасошот.
Јанева го прифатила влијанието од осомничениот и при неизменети околности врз основа на кои бил определен притворот дала предлог до судот, притворот против Камачев во предметот „Империја“ да се укине и да му се определи поблага мерка-куќен притвор.
Бојан Јовановски и Зоран Милевски побарале 8 милиони евра за олеснување на положбата на Камчев. На 20 февруари 2019 година двајцата дошле во домот на Камчев, и од него зеле торба марка „Луј Витон“ со еден милион евра, а претходно, додека осомничениот бил во притвор, од неговата сопруга зеле 500 илјади евра.
Јанева, според Обвинителството, прибавила имотна корист во значителен износ, и тоа мебел во износ од 298 илјади денари.