Над еден милион денари се собраа за лекување на тригодишната Срна, чиј лев бубрег има трајни оштетувања како резултат на сепса развиена од уринарна инфекција, која прво била лекувана на Детската клиника, а потоа преместена на една од приватните клиники во Скопје. А1он испрати прашања до директорката на Клиниката за детски болести, Валентина Цвејовска Чокаловска, што клиниката сторила за време на лекувањето и дали се точни наводите на родителите дека немало целосна грижа, со што се влошила состојбата, но конкретен одговор не добивме.
„Јас не сум овој месец на клиника, ме менува проф. Кочева“, ни одговори Чокаловска, без да даде било каков став за случајот со тригодишното девојче.
Родителите пак, во барањето за донации посочуваат дека Срна првично била примена на Детската клиника за респираторни болести, по што била препратена на Клиниката за детски болести, но не на одделот за Нефрологија, бидејќи таму немало место. Наместо тоа, била префрлена на одделот за Ендокринологија, каде веднаш почнала антибиотска терапија. Иако сите испитувања биле негативни, Срна била лекувана под сомнение дека се работи за Салмонела, а уринарната инфекција веќе не ја лекувале. Тие велат дека повторно инсистирале да се земе примерок од урина, што дало многу лош наод, а по девет дена, се вклучува и детски нефролог, по што Срна добила соодветна терапија.
„Процесот на прибирање документи за ФЗОМ е спор и трае а Срна нема време…секоја нова сепса ја прави уште послаба и уништува дел од нејзините бубрези и тело. Драги луѓе, немаме друго чаре освен да бараме помош од вас. Ве молам, доколку сте во можност, донирајте и/или споделете го овој апел за нашето Срно-Зрно да си има нормално детство“, пишуваа родителите на Срна, Трајче Панов и Васка Цветаноска Панова во повикот за донации.
Заменичката на Чокаловска, Светлана Кочева во телефонски разговор за А1он вели дека девојчето ги правело сите контролни прегледи на нивната клиника. Вели, не е важно на кој оддел било сместено девојчето, бидејќи секој доктор си ги врши проверките кај пациентите кај кои е потребно, а имало два редовни прегледи, со што биле направени испитувања и била дадена дијагнозата.