(ВИДЕО) Кацарска: За Јанкулоска сум комуњарка, а не гледаат дека во државата има и професионалци

Од:

Сопругот на Гордана Јанкулоска, кој е и нејзин адвокат, Влатко Илиевски, пред тричлената комисија од Судскиот совет, повеќе од еден и пол час ја објаснуваше претставката за разрешување на судијката Добрила Кацарска. Претставката е поднесена поради три основи: пристрасно водење на постапката, намерна повреда на правата за правично судење и груба повреда на судискиот кодекс.

Илиевски се повика на пресуди од Европскиот суд за човекови права во Стразбур и рече дека Кацарска при изрекувањето на пресудата за случајот “Тенк” за Груевски и Поповски веќе имала заземен став и не побарала изземање од судењето за неговата сопруга. Тој цитираше пресуди и за брзината со кое се одвивало судењето за набавката на “мерцедесот” на Јанкулоска.

Како што рече Илиевски, кога Јанкулоска била во ризична бременост и два месеци потоа, јавно кажаните закани дека ќе биде присилно донесена на судење, доколку не се појави на закажаните рочишта, Кацарска сакала да ја оствари целта за донесување одлука за постоењето вина на ексминистерката.

“За дваесетина дена, Јанкулоска имала 15 судски рочишта кога таа е два месеца по породувањето и треба да се грижи за своето дете. Рочиштата траеја и по десет часа со по повеќе од девет сведоци на рочиште”, рече Илиевски и дополни дека потврда за тоа е документот дека Јанкулоска е дискриминирана, кој го издаде Комисијата за заштита од дискриминација предводена од Александар Даштевски.

Кацарска во Судскиот совет дојде со двајца адвокати: Вулнет Пачуку и Фани Михајловска.

Судијката во нејзиниот говор рече дека нема дамка во нејзината 33 годишна кариера како судија. “За 33 години и прерходно 4 години како приправник и стручен соработник немам дамка ниту во кариерата, ниту во приватниот живот”.

“Причина за долгите рочишта е по вина на обвинетите. Од 10 до 15 часот се изнесуваа само приговори и барања за изземање од самите адвокати. Во 15 часот бранителите бараа да прекине расправата заради истек на работното време. Расправа не се одлага заради протек на работно време” рече Кацарска и дополни дека судењата биле закажани на самиот почеток.

Ниту едно право на обвинетата не и’ беше ускратено, рече судијката и појасни дека нема одредба во Законот за кривичната постапка која забранува да и’ се суди на мајка, или родител, но Јанкулоска добила 60 дена период по породувањето да нема расправа и еден и пол час пауза за мајчинските обврски.

“Среќна сум што ништо не и’ се случи на долгите рочишта, иако таа не го извести судот за нејзината бременост. Како жена и мајка драго ми е што без последици роди здраво и живо дете”, рече Кацарска при тричлената комисија во Судскиот совет.

Во однос на прашањето дека на Јанкулоска и’ било ускратено правото на одбрана, бидејќи имала и други судења, Кацарска рече дека таа не е виновна за тоа. “Не гледам вина кај мене што Јанкулоска е обвинета во други предмети”, кажа судијката.

“Изгледа затоа што Јанкулоска е припадник на ВМРО-ДПМНЕ, ме третираат како припадник на другата опција. За Јануловска јас сум комуњарка, а забораваат и не сакаат да видат дека има и професионалци, а не само политички послушници. Јас сум професионалец и во судница сите странки се подеднакви”, рече судијката за наодите дека политички ја дискриминирала Јанкулоска.

Кацарска рече дека на седницата била ставена во нееднаква позиција со адвокатот на Јанкулоска, бидејќи тој говорел надвор од писменото барање, а таа немала време тоа да го разгледа и да одговори.

Tричлената комисија составена од Селим Адеми, Сашко Ѓорѓиев и Владе Богдановски треба да изготви извештај со препорака и да им го достави на членовите на Судскиот совет, по што тие треба да донесат одлука.

Би можело да ве интересира

Kацарска: Волјата на владеењето на правото е посилна од сите системско политички аномалии

УПОЗ ги повика Кацарска и Бесими да најдат решение за платите за вработените во Финансии

Кацарска: Одржани рекорден број седници и примени 210 иницијативи

Кацарска: Не очекувам предметот за солидарниот данок да биде готов до крајот на годината, дотогаш тој треба да се плаќа

Орце Костов

Кацарска говорник на 60-годишнината од уставното судство на Србија

Катерина Ѓуровски

Гордана Јанкуловска излезе од затвор