Јовески: Во справувањето со организираниот криминал и корупцијата важна е меѓународната соработка

Од:

Владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот портедок на секоја демократска држава. Притоа, правото мора да биде еднакво достапно до секој граѓанин, а институциите да обезбедат тоа да важи за сите подеднакво, бидејќи селективната правда е најголема неправда.

Ова, како што соопшти ЈО, го истакна денеска јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љубомир Јовески во онлајн обраќањето на Меѓународната конференција „Судска реформа. Специјализирано правосудство“, што ја организираше Јавното обвинителство на Бугарија.

– Борбата со организираниот криминал и корупцијата нема да ја постигне својата цел ако се води селективно и по желба и интерес на политички и економски моќници. Таа треба да биде неселективна и да се спроведува со заеднички напори на сите одговорни во државата, во согласност со меѓународните стандарди и добрите практики на развиените демократии, нагласи Јовески.

Во тој контекст, тој особено ја потенцираше важноста на меѓународната соработка, но и на специјализирани јавни обвинители кои постапуваат против овој вид тешки кривични дела.

– Современиот начин на извршување на кривичните дела и новите кривични дела не можат да се откријат, а нивните сторители да се гонат без соработка на надлежните органи во една држава, но и без понепосредна и директна соработка со правосудните власти на други држави. Ова го истакнувам од причина што потешките кривични дела, а особено делата од организираниот криминал, корупцијата, дрогата, сајбер криминалот и економските кривични дела, скоро и да не завршуваат во границите на една држава, рече Јовески во обраќањето.

За улогата на специјализираното Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во нашиот правосуден систем зборуваше основниот јавен обвинител на ова обвинителство Вилма Русковска.

– Структурата на кривичните дела што се во надлежност на Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, а кои многу често се извршени во организирана форма, од страна на група, која во бројни случаи е и меѓународна, резултира со спроведување на обемни и сложени предистражни и истражни постапки, кои често опфаќаат и примена на посебни истражни мерки. Сето ова укажува на динамиката и комплексноста на работата на јавните обвинители во Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција при совладување на приливот, рече Русковска во онлајн обраќањето.

Таа нагласи дека само во текот на 2020 година ова Обвинителство постапувало по кривични пријави против вкупно 565 полнолетни сторители на кривични дела, две деца во судир со законот и по 39 кривични пријави против непознати сторители, додека веќе е извесно дека до крајот на оваа година овој број ќе биде надминат.

Конференцијата ја прогласи за отворена бугарскиот главен јавен обвинител Иван Гешев, кој констатираше дека и земјите членки на Европската унија се соочуваат со потребата од реформи во правосудството, но и со реални опасности за владеењето на правото и основните демократски вредности.

– Оваа година со својот глас бугарските граѓани дадоа јасен знак кон претставниците на трите власти дека од нив очекуваат реформи и промени, кои ќе ги подобрат условите за живот и ќе придонесат за развој на Бугарија. Јавното обвинителство е подготвено да учествува во такви промени доколку нивната цел е да се одговори на очекувањата на општеството за поголема праведност, рече Гешев.

На форумот учествуваа и претседателот на Комисијата за правни прашања на Европскиот парламент Адриан Лазара, претседателот на ЕУРОЏУСТ, Ладислав Хамран, генералниот секретар на Меѓународната асоцијација на јавните обвинители Хан Мораал, како и високи претставници од обвинителствата на Шпанија и Италија, стои во соопштението.​

Би можело да ве интересира

Јовески изненаден од повлекувањето на предлогот да биде уставен судија: Не се наведени причини, нанесена ми е штета

А1он

Повлечен предлогот Љубомир Јовески да биде избран за судија во Уставен суд

Горан Наумовски

Се создаде атмосфера дека довербата во обвинителите е нереално ниска, вели Јовески во последното обраќање како државен обвинител

А1он

Кој ќе го наследи Јовески: Фетаи, Раичевиќ и Коцевски чекаат мислење од Советот на јавни обвинители

Александар Тодески

Почнува постапката за избор на нов државен јавен обвинител

Обвинителството реагира до Лога: Дел од забелешките за Извештајот се неточни, Јовески е спремен да одговори согласно закон

Александар Тодески