Врховниот суд по една година вонредно преиспитување на предметот „Тенк“, ја потврди четиригодишната затворска казна која и беше изречена на ексминистерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска. Со донесувањето на пресудата, Јанкулоска ќе треба да се упати на издржување на затворската казна.
„Врховниот суд на Република Северна Македонија ја информира јавноста дека на 17 септември 2020 година, одлучи по предметите заведени под КВПКОК2КВПбр.6/19 и КВПКОК2КВПбр.7/19, кои се оформени по поднесените барања за вонредно преиспитување на правосилна пресуда, поднесени од осудените Никола Груевски, Ѓоко Поповски и Гордана Јанкулоска. Со донесените пресуди Врховниот суд на Република Северна Македонија ги одби поднесените барања на осудените, поднесени лично од нивна страна и преку нивните бранители и ги потврди пресудите на Апелациониот суд Скопје“, велат од Врховниот суд.
Ексминистерката Јанкулоска беше осудена на шест години затвор, а пак, Апелациониот суд и ја намали казната на четири години. На ексминистерката ѝ се судеше во раздвоена постапка во предметот „Тенк“, бидејќи имаше ризична бременост. Случајот „Тенк“ на СЈО е за набавката на луксузниот „мерцедес“ вреден 600 илјади евра.
Поранешниот премиер Никола Груевски за овој случај веќе е осуден на две години ефективна затворска казна, а помошникот во министерството Ѓоко Поповски доби намалување од шест и пол на четири и пол години казна затвор на скопска Апелација.
Јанкулоска во завршните зборови на судењето побара ослободителна пресуда со образложение дека немала намера никому да влијае и да врши притисок.