Специјалната обвинителка Катица Јанева утре е повикана од Советот на обвинители за да одговора за досегашното работење.
Советот на обвинители од Јанева ќе бара одговори за начинот на предавањето на материјалите од страна на СДСМ, односно она што во изминатиоот период, секојдневно го повторуваа од ВМРО – ДПМНЕ.
Истовремено, три недели од новата година специјалната обвинителка е без буџет, бидејќи Собранието не носи одлука со која ќе одобри финансиски средства за работата на СЈО за 2016 година. Според информациите од Специјалното јавно обвинителство, што ги објави Алсат М, финанскиот план е усвоен од Министерството за финансии и Владата, но, Собранието не го става на дневен ред за да може да се изгласа.
„Од информациите што ги имаме, Финансискиот план за 2016 на ова Јавно обвинителство е поминат во Министерството за финансии и Владата на Република Македонија и од нивна страна доставен до Собранието на Република Македонија на 05.01.2016 година. Воедно и од наша страна до Собранието на Република Македонија исто така доставен е Финансискиот план за 2016 година.
Фактот што немаме одобрен буџет за 2016 година директно влијае и на сите тековни работи на ова Јавно обвинителство. Имено, без буџет не сме во можност да пристапиме кон вработувања на стручен и помошен персонал, а во прашање се доведува и намирувањето на тековните финансики обврски, кои се врзани со рокови и соодветни финансиски имликации за задоцнета реализација на обврските (камати и слично)“, се вели во одговорите на СЈО.
На интернет страницата на Собранието, можат да се види предлог-одлуката на Владата да и се дадат на Јанева околку 4 милиони евра за следната година. Но во најавените седници на Собранието, на дневен ред ја нема точката за буџетот на СЈО.